(ВИДЕО) Депонија на 50 метри од амбасадата на САД: Нема јунак да го исчисти ѓубрето

by irena 10:49
10:49

Ѓубре од храна, кревети, дрвја, пластика и друг кабаст отпад се расфрлани на тротоарот на булеварот „Никола Карев“ на само 50 метри од американската амбасада и 100 метри од касарната „Илинден“.

Со денови расфрланото ѓубре и недостатокот на контејнери го отвора прашањето дали хигиената на градот е приоритет на јавното претпријатие „Комунална Хигиена“, општина Чаир и Градот Скопје.

На патеката за пешаци не може да се помине затоа што мора да се прескокнат распослани ќеси, картони, расфрлан отпад и отпадоци од мебел.

Сликата е слична на повеќе локации низ Скопје, дури и во центарот како што се контејнерите во близината на ГТЦ и Олимписки базен.

Советот на Град Скопје усвои одлука со која е забрането фрлање ѓубре во контејнерите од 22:00 до 06:00 часот, а прекршителите се соочуваат со парична казна од околу 50 евра за физички лица и значително повисоки казни за правни лица и компании.

И покрај воведувањето на оваа ноќна забрана и санкции што веќе стигнаа до десетици казнети граѓани, реалноста со преполни контејнери, диви депонии и отпад што стои денови на улиците сè уште доминира.

Според анализи на World Health Organization и United Nations Environment Programme, дивите депонии претставуваат сериозен ризик за јавното здравје и животната средина. Непрописно одложениот отпад ослободува штетни гасови, привлекува глодари и инсекти и може да доведе до контаминација на почвата и подземните води.

О.К.

Слични вести