Неполни 24 часа по објавата на „Фокус“ дека од канализацискиот испуст под објектот на Владата во Скопје се излева жолтеникава течност во реката Вардар, екипа на ЈП Водовод и канализација излезе на терен и се обиде да го исчисти.
Над испустот се наоѓа точно објектот на Владата, а од спротивната страна е Јавното претпријатие Водовод и Канализација Скопје кое е задолжено да се грижи и за канализациската мрежа во главниот град. Оваа жолтеникава течност уште толку ја замати водата која овој период има прилично ниско ниво поради недостигот на дождови.
Чистењето се однесуваше само на металната решетка која беше полна со ѓубре. Вработените од Водовод го исчистија испустот, но жолтеникавата течност се уште се влева во нашата најголема река. Нивниот надреден им нареди на вработените да го сликаат испустот дека е чист за да се објави веднаш на социјалните мрежи. Но, социјалните мрежи нема да ги исчистат фекалиите од Вардар.
Состојбата на Вардар, македонскиот национален симбол опеан во песни, во центарот на Скопје е следнава: валкан, токсичен и претворен во голема канализациска цевка во која завршуваат фекалиите од градот, индустриските отпадни води, како и отпадот од крајно несовесни граѓани.
За жал, Вардар е бистар само кај својот извор Вруток над Гостивар, а веќе на следната точка на која се вршат мерења кај гостиварско Форино водата е високо загадена, односно спаѓа во води од четврта класа. Во Скопје, Велес, Неготино и Гевгелија реката ја менува бојата во кафена и не е потребен примерок за анализа за да се утврди дека и тие геадови придонесува во континуираното загадување на Вардар со фекалии.
(ВИДЕО) Фекалии од канализацискиот испуст под Владата го пожолтеа Вардар