(ВИДЕО) Бејта: Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ неуставно ја узурпираат и ја партизираат дипломатијата

by Fokus

„Владата на ВМРО ДПМНЕ срамно, против уставно ја узурпира дипломатијата и ја претвора во продолжена рака на партијата. Користејќи го парламентарно мнозинство, ВМРО-ДПМНЕ и министерот за надворешни работи Муцунски, прават директно мешање на законодавната во извршната власт, преку политички злоупотреби на Автентичното толкување на член 39 став 3 од Законот за надворешни работи. Со ова толкување се воспоставува обврска кандидатите за амбасадори задолжително пред надлежното работно тело во Собранието да ги презентираат своите согледувања за односите со државата на приемот или меѓународната организација. Без оваа процедура, не може да биде потпишан Указот за поставување на амбасадор од страна на претседателот на државата“ рече денеска на прес-конференција Фатон Бејта – од Комисијата за надворешни работи во СДСМ.

Според Бејта, „Со тоа директно се ограничува уставната надлежност на Претседателот на државата, имајќи предвид дека според член 84 алинеја 2 од Уставот, Претседателот поставува и отповикува амбасадори со указ, без дополнителни услови или одобрувања. Целта на ВМРО-ДПМНЕ е јасна – создаваат и измислуваат нов филтер, кој всушност е партиска проценка во Собранието за секој иден амбасадор. ВМРО-ДПМНЕ сака да ја контролира и дипломатијата. Амбасадорите ќе бидат поставени по партиска лојалност, а не според стручноста и дипломатскиот капацитет, кој го поседуваат со што може да се стави во ризик меѓународното портфолио на државата“.

„Со ваквиот чин МНР и НТ Муцунски враќаат професионални дипломати со цел да ги пополнат испразнетите амбасадорски места со „партиски војници“ на ВМРО ДПМНЕ и ВЛЕН. Јавно го повикуваме министерот Муцунски и претседателката на државата да одговорат дали во Указите за отповикување на 9-те наши амбасадори е наведено автентичното толкување на членот 39 став 3? Членот 45 јасно кажува под кои услови мандатот на амбасадорот може да трае пократко од 4 години – доколку самиот тоа го побара, ако е прогласен за persona non grata од страна на државата на приемот или ако има незадоволителни резултати во работата или со своето работење им причинува штета на интересите на државата“ порача тој.

Бејта подвлече – „Јасно е ВМРО ДПМНЕ ја партизира и контролира и дипломатијата. Затоа наместо суштински, направија козметички измени на Законот за надворешни работи – со кои на Муцунски му се овозможува да продолжи да ги унапредува партиските војници на ВМРО во МНР и НТ“.

Поврзани новости