Најмалку 15 лица се повредени, некои од нив сериозно, откако автомобил влета во толпа во Нова Иберија, Луизијана, каде што беше закажана прослава.
Осомничениот е во притвор, а истрагата е во тек, изјави портпаролката на шерифската канцеларија, Ребека Меланкон, по инцидентот. Сè уште не е познато дали споменатиот инцидент е извршен намерно.
Амбулантно возило превезе 13 лица во болница, а уште две лица беа превезени со хеликоптер, напиша таа на X.
Организаторите на прославата објавија на Фејсбук дека ги откажуваат сите концерти што требаше да се одржат во сабота навечер.
„Длабоко сме тажни од веста за инцидентот во близина на фестивалската област“, рекоа тие на социјалната мрежа.
„Се молиме за жртвите и нивните семејства во ова тешко време“, додадоа.
Тридневниот фестивал се одржуваше секоја година за време на велигденскиот викенд, а се состоеше од музички концерти, паради и други активности.