Спроти годишнината од ужасната трагедија во дискотеката „Пулс“ во Кочани – најголема во историјата на самостојна Македонија во која загинаа 63, а 218 лица беа повредени, „Фокус“ разговараше со Александар Наунов – еден од родителите кој го загуби своето најмило чедо – ќерката Надица, таа кобна ноќ – на 16 март 2025 година. Тој е претседател на Здружението на родители „16 Март“ и ги споделува ставовите на сите кочански семејства – кои организирано се обидуваат да стигнат до остварување на нешто што барем малку ќе им ја намали болката од страшната загуба.
Иако, како што вели утеха за таква загуба нема и не може никогаш да има, Наунов искажува благодарност до јавноста и медиумите за несебичната поддршка од нив што ја добиваат во континуитет, но пред за тоа што нивниот глас го наоѓа патот до јавноста која со внимание го следи секој детаљ од случајот „Пулс“.
Во текот на разговорот, Александар евоцираше и спомени за неговото трагично загинато дете. Ќерка ми Надица, вели, беше едно скромно и послушно девојче, кое секој родител би го посакал. Но, истовремено и добар другар и организатор на сите социјални настани во нејзиното друштво. И, многу амбициозна со намера да студира во Словенија.
– Надица беше една скромно и послушно девојче, какво што секој родител би посакал. Меѓу другарките беше организатор на забави, знаеше да го стопли сечие срце и љубовта кон неа нема крај – ниту на овој – ниту на оној свет. Беше средношколка во гимназија – требаше да биде матурантка. Сакаше да продолжи со нејзината другарка од Шведска – на студии во Словенија. Ние како родителите ги поддржувавме нејзините идеи.
Наунов има порака што сака да ја испрати и како претседател на Здружението, но пред се како родител.
– Ние имаме една јасна порака – секоја од институциите да си ја врши својата работа за која е надлежна. Да беше така дискотеката немаше воопшто да постои. Затоа што министерот за економија дал лиценца за објект што уште нема пренамена. Сето тоа ќе се открие – никогаш да не се повтори, а државата да застане во одбрана на граѓаните.
подготвија: Зоран Фиданоски и Орце Костов