Ветропаркот во Штип се гради без надомест на државно земјиште пренаменето во 2010 година?! 

by irena 12:18
12:18

Анализата на катастарските парцели во овие три општини, кои се детално наведени во Планската програма на Урбанистичкиот план што се зафатени од ветерниците, покажа дека во најголем дел, над 90 проценти се работи за државно земјиште, вклучувајќи градежно земјиште, пасишта, ливади и шуми, а само мал дел е во приватна сопственост. Државата е сè уште сопственик на парцелите врз кои ќе се градат ветерниците. Оттука се поставува прашањето врз основа на што инвеститорот добил дозвола и почнал да гради, ако нема свое земјиште или, пак, не склучил договор со владата за закуп.

 Пишува: Орце КОСТОВ

Дојди, види, добиј земјиште, гради, профитирај, расклопи и продај го отпадот. По овој редослед се случува и ќе се случува најголемата „историска“ инвестиција – ветропаркот „Алказар енерџи“ во Штипско и во Радовишко.

Освен некоја дневница за нашите работници и мал профит за подизведувачите, кои ќе бидат дел од градбата, нашите граѓани нема да добијат апсолутно ништо, а државата ќе добие баланс во енергетскиот систем и нешто ситно од данокот на профит.

Инвеститорот од Луксембург доби државно земјиште за кое не се знае по која основа го добил и колку платил, ќе гради врз основа на стари планови од 2009 година, ќе изгради ветерници, ќе го користи ветерот како природен ресурс и ќе профитира.

По амортизирањето на ветропаркот, инвеститорот ќе ги расклопи и отпадот ќе го продаде.

Според владата, се работи за пазарна инвестиција, за чија реализација, како што најави премиерот Христијан Мицкоски, нема да има фаворизирање од страна на владата, ниту, пак, ќе се бара поткуп и ќе се поставуваат административни пречки, како што било во претходната влада.

–Сега се исклучиво пазарно ориентирани инвестиции без ниту еден цент повластување од страна на владата, рече Мицкоски на крајот од јули, одговарајќи на новинарски прашања.

Поради оваа причина, Мицкоски изјави дека работите за тековните инвестиции се одвиваат брзо и ефикасно.

–Претпоставувам, јавноста е сензибилизирана од страна на опозицијата и се поврзува со меморандумот за разбирање што го потпишавме со турската компанија „Акса“ за инвестиција во вредност од милијарда евра, бидејќи така беше и за „Алказар“, тврдеа ќе имале повластена цена, видовте ниту има повластена цена, ниту има какви било бенефиции компанијата.

Во рок од една година, компанијата стави камен-темелник на својата инвестиција, која ќе биде половина милијарда долари, тоа за претходната влада беше научна фантастика. Таму се сеќавате се нудеа даночни олеснувања за инвеститори, загарантиран откуп на електрична енергија, итн.

Ние преговараме за исклучиво пазарно ориентирани инвестици. Да, како влада ќе го преземеме институционалниот ризик да олесниме, нема како во минатото да се бара мито, нема да се ставаат вештачки препки во рамки на администрацијата за да се почести некој. Тоа нема да се случи и затоа работите одат брзо и ефикасно, рече Мицкоски.

Компанијата „Алказар енерџи“ крај штипското село Љуботен почна да го гради најголемиот ветерен парк со капацитет од околу 400 мегавати, кој ќе се простира на делови од територијата на општините Штип, Карбинци и Радовиш.

Ветерниот парк со 54 ветерници на површина од 326 хектари, кој ќе има капацитет да задоволува 100.000 домаќинства во Македонија, иако никаде не стои дека „Алказар енерџи“ ќе ни продава електрична енергија по загарантирана цена, е првиот голем проект што премиерот Мицкоски го промовираше цела година, а на почнувањето на градежните активности го нарече историски.

Паркот ќе има 54 генератори на ветерни турбини, кои преку новоизградена трафостаница, годишно ќе произведуваат над 860 гигават-часови електрична енергија што ќе влегува во националната енергетска мрежа.

Ќе се постават 80 километри подземни кабли и ќе се реконструираат старите патишта и ќе се изградат нови за потребите на ветропаркот во вкупна должина од 68 километри и приближно седум километри 400-ватен далекувод, кој ќе ја поврзува трафостаницата со електричната мрежа.

Фазата на изградба се очекува да трае приближно 3 години, а оперативната фаза ќе почне со поврзување на ветерниците со националната мрежа и се очекува тоа да биде во 2027 година.

Ветерниот парк ќе биде со работен век од 25 до 30 години и, според најавите, ќе чини околу 450 милиони евра. По изминувањето на овие 30 години, колку што е работниот век на турбините, отпадот ќе го преземе производителот.

ВОСКРЕСНАТ ПРОЕКТ

Компанијата почна да гради на истата локација и врз основа на почнат проект од 2009 година на шпанската компанија „Инвал“, кој никогаш не беше реализиран.

Компанијата инвеститор поседува план за земјиштето на тромеѓето меѓу општините Штип, Карбинци и Радовиш, според кој, најголем дел од земјата е државна, а само мал дел е во приватна сопственост. „Алказар“ најави дека за овој дел ќе плати над пазарната цена.

„Алказар енерџи партнерс 2“ отвори компанија во Македонија на 1 ноември 2024 година под името „Алказар енерџи МКД ДООЕЛ“. Но, на пријавената адреса на македонската „Алказар енерџи МКД“ во Централен регистар има заведено и друга фирма.

Се работи за компанијата „Инвалл Мак ДООЕЛ Скопје“, која беше основана во 2015 година, со цел да го гради ветерниот парк, а од април 2024 година, е, всушност, подружница на „Алказар енерџи партнерс ИИ Холдко Лимитед“, британската офшор-компанија.

Таа е фирма-наследник на „Инвалл Македонија ДОО Скопје“, која во 2015 година замина во стечај, а во која удел, покрај шпанската „Инвал греен енерџи“, имаше и Стефан Пулејковски.

Пред десетина години, бизнисменот беше претставен како човек што има тесни релации во ВМРО-ДПМНЕ, особено со експремиерот Никола Груевски и поранешниот прв човек на тајната полиција, Сашо Мијалков. Токму бизнис-партнерот на Пулејковски, Ивица Крстевски, според истражување на „Радио Слободна Европа“, ја продава „Инвал Мак ДООЕЛ Скопје“ на „Алказар енерџи“, три месеци пред инвеститорот да ја најави инвестицијата, односно два месеца пред Мицкоски да се пофали за ветерниот парк.

„Инвал Мак ДООЕЛ“ е компанијата што ја нарачала оценката за влијанието врз животната средина на ветропаркот Штип, Северна Македонија, а до која дојде „Фокус“.

ГРАТИС ЗЕМЈИШТЕ

Во оценката се вели дека поголемиот дел од земјиштето потребно за проектот е во државна сопственост, а само мал дел е приватно.

„Поголемиот дел од земјиштето потребно за проектот е во државна сопственост, и секаде каде што е можно ќе се користат постојните патишта. Постои веројатност ова земјиште да го користат и земјоделци закупци, но и неформални корисници. Сепак, ќе бидат погодени и одредени приватни парцели што се користат како ниви или пасишта. Познато е дека 13 од 54-те предложени локации за ГВТ барем делумно се користат за земјоделски цели, меѓутоа, ова ќе треба да се провери во фазата на ОВЖССА, а и конечните локации на ГВТ допрва ќе треба да се потврдат. Во оваа фаза не се очекува да се врши откуп на домовите.

Земјиштето му е веќе наменски доделено на проектот како дел од урбанистичкиот план. Пренамената ќе стане официјална и ќе доведе до менување на типот на земјиштето од земјоделско во градежно, веднаш штом ќе се добие градежната дозвола“, стои во Студијата.

Со оглед дека најголемиот дел од земјиштето е државно, а земјиштето веќе е наменски доделено на проектот, „Фокус“ ја праша владата кога е извршена пренамената на земјиштето.

„Во врска со Вашето прво прашање во делот на извршена пренамена на земјиштето од земјоделско во градежно земјиште, пред сè, Ве известуваме дека станува збор за урбанистичка постапка спроведена уште во 2010 година со донесување на тогашната Државно урбанистичка планска документација, во која постапка била и опфатена постапката за пренамана на предметното земјиште, додека во овој период во истиот опфат е предвидена со истата намена градбата за производство на електрична енергија-Ветерен парк, а во текот на јули 2025 година, врз основа на претходно поднесено барање со комплетна документација, беше издадено одобрение за градење“, одговорија од владата.

За предметното градежно земјиште од 345 хектари нема постапка за концесија, тврдат од владата.

Владата и Министерството за транспорт и врски не можат да дадат точна процентуалност во однос на сопственоста на земјиштето затоа што „барателот, правото на градење го докажал врз основа на Изјава за регулирање на имотно правните односи до Употребна дозвола на градбата“.

„Фокус“ дојде и до Планската програма за изработка на Урбанистички план за градби од државно значење за изградба на ветерен парк со капацитет над 10 мегавати во Општина Штип, Радовиш и Карбинци, која ја нарача „Инвалл Мак ДООЕЛ Скопје“, а е одобрена од Министерството за транспорт и врски.

Анализата на катастарските парцели во овие три општини, кои се детално наведени во Планската програма на Урбанистичкиот план кои се зафатени од ветерниците, покажа дека во најголем дел, над 90 проценти се работи за државно земјиште, вклучувајќи градежно земјиште, пасишта, ливади и шуми, а само мал дел е во приватна сопственост. Во приватна сопственост се некои стари куќи, дворови и ниви.

На страницата на Катастар на РСМ, владата, односно државата е сè уште сопственик на парцелите врз кои ќе се градат ветерниците. Оттука се поставува прашањето врз основа на што инвеститорот почнал да гради, ако нема свое земјиште или, пак, не склучил договор со владата за закуп?

За да додели владата земјиште за ветерен парк, мора да биде објавен јавен повик и да има електронско наддавање, а единствен исклучок преку склучување договор со непосредна спогодба е дозволен ако се работи за голема инвестиција над 100 милиони евра.

Во случајов, се работи за инвестиција тешка 500 милиони евра и во таков случај треба да се примени Законот за стратешки инвестиции за кој одлучува Собранието на РСМ.

„Во случајот со „Алказар енерџи“, ниту бил објавен јавен повик, ниту Собранието расправало за ветерниот парк, па според тоа не можело ни да се додели земјиште, ни да се издаде дозвола за градба. Возможно е она церемонијално полагање камен-темелник (на рамна ледина, наместо на рид) да било само обична предизборна претстава. Локалните избори се веќе распишани, па во следните два и пол месеца – иако ќе има многу фалење и лажење – нема да смеат да се потпишуваат никакви големи договори за инвестиции, не само за ветерниот парк, туку ни за брзата пруга, како ни за гасните централи на „Казанџи груп“, вели професор д-р Дејан Трајковски од Машинскиот факултет во Битола, упатувајќи остри критики кон нетранспарентноста на владата за овој проект.

Според него, единствената корист од ветерниот парк се сведува на наплата на данок на добивка.

„Но, колкав ќе биде тој данок? При годишни приходи од околу 83 милиони евра, по одземањето на 17 проценти оперативни трошоци, но и голема амортизација (која иако не претставува готовинси одлив, сепак претставува сметководствен трошок, што ја намалува добивката), реално е основицата за оданочување да изнесува околу 20 проценти од приходите. На пример, фотонапонските централи годинава постигнале околу 23 проценти.

Така се добива даночна основица на „Алказар енерџи Македонија“ (добивка пред оданочување) од 16,6 милиони евра, за што државата може да наплати само 1,66 милиони евра. Од закупнина за земјиштето државата би добила одвај околу 24 илјади евра годишно, а за излезно ДДВ не би наплатила ништо, доколку електричната енергија се извезува. Дури би морало да им го врати на „Алказар енерџи Македонија“ и влезното ДДВ, за цементот и бетонското железо, односно би направиле од готово – вересија.

Останува главното прашање: како се осмелуваат да раскрчмат 345 хектари ридско земјиште, најповолно за изградба на ветерни централи во земјава и со тоа да ја лишат државата од сопствен ветерен парк, притоа за возврат не добивајќи речиси ништо (поточно само 1,66 милиони евра данок на добивка, 24 илјади евра закупнина и десетина вработувања)? Сето тоа без јавен повик, тендер или расправа во Собранието според Законот за стратешки инвестиции“, анализира Трајковски.

НЕМА ЕВТИНА СТРУЈА

Инвестицијата на „Алказар“, цела година наназад е претставувана како комерцијална, односно производот од ветерниците ќе биде на продажба на слободниот пазар, а ризикот од ниска цена и висока цена на берзите целосно го презема инвеститорот. По тој бизнис-модел функционираат најголемиот дел од фотоволтаичните централи во земјава. Може да се произведе струја, а да нема купувач.

При своето обраќање, претставникот на „Алказар“, сосопственикот Даниел Калдерон, меѓу другото, кажа:

„Проектот ќе креира 600 работни места при изградбата и ќе снабдува повеќе од 100.000 домаќинства“.

Како ветерниот парк ќе снабдува со струја 100.000 домаќинства? За снабдување на граѓаните е потребен договор за продажба на струја од „Алказар“ кон државните „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) или директно кон универзалниот снабдувач со електрична енергија до домаќинствата, ЕВН.

„Владата нема да влегува во обврски за загарантиран откуп на електрична енергија по однапред утврдена цена“, гласи одговорот од владата на прашање што го поставила редакцијата „360 Степени“ – дали државата потпишала или планира да потпише договор со „Алказар“.

Од владата ја поддржуваат политиката на слободен пазар каде што струјата, вклучително и од обновливи извори, како ветер, се продава по пазарни услови, на берза или преку директни договори со заинтересирани купувачи.

Македонските домаќинства се снабдуваат со електрична енергија преку универзален снабдувач, а во моментов тоа е ЕВН Хоум, кој купуваше струја со повластена цена од Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), со цел да се амортизира ценовниот шок кај граѓаните. Се набавуваше струја по цени, кои не само што се пониски од пазарните, туку се пониски од нивните производствени, сè со цел граѓаните да не плаќаат повисоки сметки.

Тоа значи дека и „Алказар“ ќе мора да склучи договор со ЕСМ за продажба на струја доколку „Електрани“ не произведат доволно од потребната електрична енергија за домаќинствата.

ЈАВНО-ПРИВАТНО ПАРТНЕРСТВО

Најавата за изградба на нов ветерен парк во Македонија предизвика бројни реакции од научната фела затоа што, освен тоа што ќе се инвестираат 450 милиони евра во ветерници и ќе се остварат 630 вработувања во градежниот сектор додека трае изградбата, владата не откри што ќе добие Македонија.

Освен приходите од данокот на добивка, колку ќе заработи земјава од инвестицијата од закупот на државното земјиште во следните 30 години и дали Македонија ќе добива поевтина електрична енергија од оние ветерници или целата ќе завршува на слободниот пазар. И најголемото прашање што се провлекува е зошто Македонија не е коинвеститор во овој проект?

„Целата енергија генерирана од ветерниот парк ќе биде испратена до националната мрежа и ќе придонесе за декарбонизација на мешавината за производство на енергија во Македонија и намалување на влијанието на данокот за јаглерод од ЕУ што ќе ја направи извозната индустрија на Македонија поконкурентна.

„Алказар енерџи“ ќе инвестира во надградба на мрежната инфраструктура на Македонија на приклучното место во корист на операторот на преносниот систем, бидејќи дел од изградената инфраструктура ќе биде префрлена на МЕПСО.

Како што е случајот со сите инвестиции на „Алказар енерџи“ за време на развојот, изградбата и работењето, ангажираме локални компании да ги извршуваат работите на терен.

Во моментов тесно соработуваме со седум македонски компании, кои нѐ поддржуваат со развојни активности и обезбедување на потребните проектни дозволи.

За време на фазата на изградба, овој број ќе се удвои и нашите главни изведувачи ќе продолжат да се потпираат на локални подизведувачи и даватели на услуги за различни градежни работи. „Во Алказар енерџи“, силно веруваме дека кога ревносно и одговорно се управуваат проектите за обновлива енергија, тие носат позитивно локално влијание.

Освен ангажманот на локалната работна сила за време на изградбата и работењето, проектот ќе обезбеди подобрени и побезбедни пристапни патишта и нови внатрешни патишта, кои ќе ја подобрат мобилноста на локалната заедница околу локацијата на проектот. „Алказар енерџи“ отсекогаш инвестирал во иницијативи на локалната заедница и ќе се ангажира со различни групи засегнати страни за да идентификува и да спроведе влијателни иницијативи во локалната област“, гласи одговорот за „Фокус“ од „Алказар енерџи“.

Но, освен приходите од данокот на добивка, не е јасно колку ќе заработи земјава од инвестицијата од закупот на државното земјиште во следните 30 години и дали Македонија ќе добива поевтина електрична енергија од оние ветерници?

Од компанијата инвеститор потенцираа дека немаат корист од јавно-приватно партнерство со земјава, нешто што било пракса за претходните проекти со обновливи извори на енергија во Македонија.

„Нашата инвестиција е направена без владина поддршка и нема бенефит од структурата на јавно-приватно партнерство, која историски била достапна за проектите за обновливи извори на енергија во земјава. Со цел да се обезбеди финансирање, „Алказар енерџи“ ќе покрене среднорочен и долгорочен аранжман за осигурување на проектот. Целата енергија произведена од ветерниот парк ќе биде испратена до националната мрежа, која испорачува електрична енергија до граѓаните на Македонија“, велат од компанијата за „Фокус“.

Текстот е објавен на 14 август 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.558.

Слични вести