1578-1579

by bogdan 19:50
19:50

Новиот број на „Фокус“ можете да го купите и во електронски формат на овој линк

КАКО СО УБИЕНА ИДНИНА ЌЕ ЗАЧЕКОРИМЕ ВО НОВАТА?!
Трагедијата во Кочани е наш незаборав и непребол. Засекогаш треба да остане и да нè притиска во градите. Болката да нè потсетува дека никогаш не треба да дозволиме ваква трагедија да ни се случи повторно!

ДОМИНАЦИЈА НА ВМРО-ДПМНЕ
Отсуството на рамнотежа и проверка на власта е нездраво затоа што во себе го нема системот на отчетност како важна димензија на квалитетот на една демократија. Предвремени избори (засега) не се во план, но поголема владина реконструкција се очекува некаде во април.

ЕКОНОМИЈА ВО НАЈАВА
Годината ја завршивме со поскапа електрична енергија, инфлација од околу 4 отсто и без раст на платите, иако профитот на газдите во Македонија е меѓу највисоките во Европа. Додека премиерот се фали со „купoвната моќ“ на минималната плата од 400 евра, Министерството за финансии најавува ново задолжување од една милијарда евра.

ХОТЕЛОТ НА МИЈАЛКОВИ
Граѓанскиот сектор полека, но сигурно ја губи правната битка за поништување на проектот. Имено, ДКСК одбива да постапува со образложение дека ЈО веќе оценило дека во случајов „нема место за јавно-обвинителска интервенција“, додека Управниот суд воопшто не ги разгледува наводите за беззаконие и корупција.

ХОРОР ЗДРАВСТВО
Сакале или не сакале да признаеме, македонското здравство е како хорор-филм. Распаднати амбуланти и болници, умираат родилки и деца, стари и дотраени возила на Брза помош, кои не можат секаде да стигнат зашто ги нема доволно, а и оние што ги има, често се расипуваат, недостигаат лекови…

РЕФОРМИ, АМА САМО НА ХАРТИЈА
На крајот на 2025 година станува јасно дека младите не ја изгубија вербата во знаењето, туку во начинот на кој државата се обидува да го спакува, регулира и контролира. Тие не бегаат од образование, работа или одговорност – бегаат од нефункционален систем.

ПОЛИТИЧКИ ЛАВИНИ
Може да се каже дека некои работи во природата, но и во политиката се неизбежни. Зимно време, на стрмните падини, кога-тогаш ќе се случи лавина. Во партиите, и на власт и во опозиција, кога-тогаш ќе има внатрепартиски превирања.

СВЕТОТ ВО 2025
Годинава што измина, 2025 година, може да се смета за година на геополитичка рекалибрација. Додека длабоките несогласувања останаа нерешени, доминантната тема беше намалувањето на ризикот – спречување на проширување на конфликтите и стабилизирање на кревките региони.

 

Колумнисти:

Денко МАЛЕСКИ
Нормите на поведение, кои во нормални околности се темелат врз обичаите, законите или чувството на лојалност кон друго човечко суштество, едноставно се уриваат и човекот, соочен со опасноста за својата егзистенција, се враќа во она што Хобс подоцна ќе го нарече state of nature.

Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ
Во Мафијадонија, формулата за успех е фаќање уџум. Џабе владините телали патетично ги повикуваат самоевакуираните од мака и беда, особено млади, да се враќаат од јабана. Голата вистина е дека единствено што заминуваат и се враќаат во недојдијата се птиците преселници.

Ристе ЉУБОТЕНСКИ
Ниту судиите, а уште помалку обвинителите, па и носителите на извршната власт да не се прават многу на Итар Пејо во „борбата“ против криминалот и корупцијата зашто, како што вели народната поговорка, „стапот има два краја“!