Вељко Пауновиќ селектор на Србија до 2030 година

by irena 14:00
14:00

Пауновиќ денес потпиша договор со челниците на Фудбалскиот сојуз на Србија до 2030 година. Пауновиќ е 12-тиот селектор во историјата на соседна Србија откако оваа земја настапува самостојно.

Селекторот кој го освои Светското првенство за играчи до 20 години во Нов Зеланд во 2015 година, храбро го презеде водството на српската фудбалска репрезентација за последните два квалификациски натпревари против Англија и Латвија и тоа без договор. Како што рече, тој е тука за неговата земја за да ја направи „невозможната мисија“ можна.

Добриот настап на „Вембли“ не беше крунисан со позитивен резултат, но популарниот Паун ја заврши својата мисија по Латвија со до некаде загрижувачки зборови:

„Ќе разговарам со моето семејство, советниците, а потоа ќе донесам одлука дали ќе бидам селектор на Србија“

Сепак, Фудбалскиот сојуз на Србија направи сè што вети, Пауновиќ во изминатите седум дена гледаше бројни натпревари од српската Суперлига и беше јасно дека остануваат само формалности околу потпишувањето на долгорочен договор.

Денес ќе може да почне да ја планира иднината на „Орлите“, а до почетокот на Лигата на нации во септември, има 10 месеци за подготовка и пријателски натпревари во март и јуни пред Светското првенство во Канада, САД и Мексико, на кое Србија не успеа да се квалификува, а нема да игра ниту бараж.

Цел на Пауновиќ ќе бидат ЕУРО 2028 и Светското првенство 2030.

Вељко Пауновиќ е роден на 21 август 1977 година во Струмица од мајка Македонка и татко Србин.

До 8-годишна возраст живеел во Струмица, по што се преселил во Белград.

Додека беше активен играч имаше понуда да настапува за Македонија, но ја одби надевајќи се на повик од Србија, повик кој никогаш не го доби.

Слични вести