Советот на јавните обвинители, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и Здружението на јавните обвинители денеска преку заедничка реакција изразија сериозна загриженост поради, како што наведуваат, непостапувањето на Уставниот суд по поднесените иницијативи за оценување на уставноста на законските измени со кои се намалени коефициентите за пресметка на платите на јавните обвинители.
Во заедничкото соопштение се наведува дека коефициентите за пресметка на платите се намалени по трет пат, а со тоа, според нив, се создава сериозен диспаритет меѓу статусот на јавните обвинители и судиите.
„Финансиската независност претставува една од основните институционални гаранции за независно и непристрасно вршење на јавнообвинителската функција и не може да биде предмет на произволни и повторливи интервенции без објективни, јасни и уставно оправдани причини“, се наведува во реакцијата.
Од институциите потсетуваат дека Уставот ја гарантира самостојноста на Јавното обвинителство како државен орган и оценуваат дека таа не е само формална определба, туку суштинска гаранција јавните обвинители да ја извршуваат својата функција професионално и без влијание од која било гранка на власта.
Според нив, законските решенија со кои се намалуваат платите на јавните обвинители мора да бидат предмет на строга уставно-судска контрола, бидејќи можат директно да влијаат врз институционалната независност на обвинителството и врз довербата на јавноста во неговото работење.
Во реакцијата се наведува и дека рамноправниот третман на самостојноста на јавното обвинителство и независноста на судството е одамна воспоставен во современите европски држави. Како аргумент, посочуваат компаративни примери од Словенија, Хрватска, Србија и Црна Гора.
„Очекуваме Уставниот суд, како чувар на уставноста и законитоста, да обезбеди ефикасна и навремена уставно-судска заштита на начелото на поделба на власта, владеењето на правото и уставно гарантираната самостојност на Јавното обвинителство“, наведуваат Советот на јавните обвинители, Јавното обвинителство и Здружението на јавните обвинители.
Тие нагласуваат дека финансиската независност не е привилегија на јавните обвинители, туку предуслов за независно функционирање на институцијата. Според нив, секое законско решение со кое без објективни и уставно оправдани причини се намалуваат нивните примања создава ризик од нарушување на принципот на поделба на власта.
Воедно, бараат Уставниот суд да не дозволи, како што велат, преку намалувањето на коефициентите за платите да се воспостави индиректна контрола на извршната власт врз обвинителството, предупредувајќи дека тоа би можело да има последици и врз останатите сегменти од работењето на институцијата.
Последните измени на Законот за платите на јавните обвинители и Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители беа донесени кон крајот на февруари годинава, кога повторно беа намалени коефициентите за пресметка на платите. Иако Здружението на јавните обвинители побара повлекување на законските измени, тие беа усвоени во Собранието.