Неисправни сопирачки, истечени дозволи, фалсификат регистарски таблички, се најчестите неправилности кои полицијата ги затекнува при контроли на автобусите и комбињата кои вршат јавен превоз на патници.
Поради неисправните сопирачки, сообраќајната полиција постојано испраќа автобуси или комбиња на вонреден технички преглед, а тоа ги вознемирува учениците и нивните родители затоа што се повеќе во сообраќајот има возила со неисправни кочници, односно без кочници.
Полицијата присуствува на вонредните технички прегледи, но не и на редовниот преглед кога се регистрира автобусот или патничкото комби, посебно во станици за технички преглед кои се во сопственост на компанијата која врши превоз на патници и на ученици.
Овие превозници го заобиколуваат законот затоа што регистрираат неисправни автобуси и комбиња во станици за технички преглед и добиваат потврди за технички исправно возило.
„Нашите автобуси не може да бидат регистрирани ако не го поминат техничкиот преглед. Доколку е нешто неисправно со системите за сопирање, осветлување или подвозјето, возилата ни ги враќаат назад во сервис и не помислуваме да одиме на технички додека не го остраниме дефектот. Згора на тоа полицијата ни врши и вонредни контроли. Ние имаме проблем со дивите превозници кои си играат со безбедноста на учениците и патниците, а целиот товар паѓа на легалните превозни компании“, истакна технички директор на голема автобуска компанија од Источна Македонија.
Дел од јавноста смета дека не сите автобуси и комбиња кои се сопрени се со целосно неисправни сопирачки, но за МВР терминот „неисправни кочници“ е ист со терминот „нема кочници“ затоа што критериумот за утврдување на неисправни сопирачки кај автобуси или комбиња кои вршат превоз на патници е повисок и утврден со правилник за технички преглед. Додека возилата треба да ги исполнат барањата од Директивата на ЕУ.
Според член 42 од Законот за возила доколку се утврди техничка неисправност на возилото, возачот добива казна од 400 евра затоа што вози возило без исправни сопирачки, неисправен систем за управување, уред за поврзување на влечното или приклучното возило или лоши пневматици.
Правното лице сопственик на возилото кое е неисправно ќе добие глоба од износ од 2.000 евра, а одговорното лице во компанијата ќе плати 500 евра.
Ако при контрола на автобусот се утврди дека е регистриран како технички исправен, а притоа системот за сопирање покажал дека е неисправен, ќе и се одзеде Решението за работа на фирмата за вршење на технички преглед и правното лице ќе треба да плати казна од 5.000 евра.
О.К.