Црна Гора пред можна блокада во пристапните преговори со ЕУ

by irena 15:52
15:52

Црна Гора се соочува со можно одложување на затворањето нови поглавја во пристапните преговори со Европската Унија, откако неколку земји членки сè уште не дале согласност за продолжување на процесот, објавуваат црногорските медиуми.

Ваквиот развој на настаните може да го доведе во прашање планот на Подгорица да ги заврши пристапните преговори до крајот на оваа година и да го отвори патот за членство во ЕУ во 2028 година.

Подгоричкиот весник „Дан“, повикувајќи се на неофицијални дипломатски извори од Брисел, објави дека Холандија побарала пауза во натамошниот напредок на Црна Гора кон ЕУ поради потребата од дополнителна анализа и поконзистентна примена на европските стандарди. Според весникот, кон ваквиот став се приклучиле и Хрватска, Естонија, Литванија и Летонија.

Црногорските медиуми ја пренесуваат и информацијата на Радио Слободна Европа дека, според извори во Советот на ЕУ, Црна Гора во текот на септември нема да затвори ниту едно ново поглавје, иако на почетокот на месецот се разгледувала можноста за привремено затворање на четири поглавја.

Претставник на Советот на ЕУ, чиј идентитет не е објавен, изјавил дека интензивно се работи на подготовка на одлуките и дека одложувањето во голем дел се должи на недостиг од време за завршување на националните процедури во земјите членки.

Според него, голем дел од процедурите се од техничка природа и бараат обемни внатрешни консултации во секоја земја членка. Тој посочил дека постои желба процесот да продолжи, но подготовките не биле завршени во предвидениот рок.

Сепак, дипломатски извори на Радио Слободна Европа наведуваат дека причините за застојот не се исклучиво технички.

Според нив, врз ставовите на дел од земјите членки влијаеле и реакциите на одредени црногорски политичари по смртта и за време на погребот на поранешниот командант на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, кој беше осуден за воени злосторства пред Меѓународниот резидуален механизам за кривични трибунали.

Хрватската Влада реагираше на изразеното сочувство од претседателот на црногорскиот Парламент, Андрија Мандиќ, по повод смртта на Младиќ, оценувајќи го неговиот потег како „неприфатлив и спротивен на вредностите врз кои е основана Европската Унија“.

Официјален Загреб соопшти дека ќе продолжи да инсистира на исполнување на критериумите во пристапните преговори, меѓу кои се соочувањето со минатото, гонењето на воените злосторства, почитувањето на пресудите на меѓународните судови и развојот на добрососедските односи.

„Дан“, исто така повикувајќи се на дипломатски извори, пишува дека земјите кои бараат дополнителни проверки сметаат дека е потребно подетално да се анализира исполнувањето на клучните критериуми пред да се даде согласност за затворање нови поглавја.

Според извор на весникот од Брисел, меѓу земјите членки постојат различни ставови за динамиката со која треба да продолжат преговорите, поради што засега е неизвесен и датумот за следната меѓувладина конференција на која би можеле да бидат затворени нови поглавја.

Доколку во меѓувреме не биде постигнат договор, следната можност за затворање поглавја би можела да биде во октомври.

Претставниците на ЕУ, сепак, нагласуваат дека процесот не е запрен и дека продолжува работата на усогласување на преговарачките позиции.

Слични вести