Царот е гол!

by fokus

Пишува: Валентина ВУРМО

„Слугата“ Влатко Кешишев го соголи „царот“ Љупчо ПалевскиПалчо. До неодамна, без приговор ги слушал и исполнувал неговите заповеди и барања. Му готвел јадење, му варел кафе, го чистел седиштето на партијата „Десна“… Буквално дишел како што ќе му речел царот. Имал стравопочит и не се спротивставувал, ниту, пак, потпрашувал.

Со уште двајца поданици, меѓу две кафиња, здружено правеле партиска „стратегија“ како да го спасат името на МПЦ, ама истовремено, меѓу две молитви, паѓал и муабет за киднапирање луѓе за изнуда на пари! Заклучиле дека само од вера во Бога не се живее, па од зад грб кроеле монструозни планови со Ѓаволот.

Кога царот и неговите поданици го киднапирале, а потоа и убиле Панче Жежовски, Кешишев слушнал истрел, ама пак не прашувал многу. Молчел и си продолжувал со домаќинските работи. Но, кога по вторпат видел пиштол во раката на господарот и слушнал истрел, придушениот звук почнал да му ја буди совеста.

Откако по крвавиот чин се прибрале во штабот, како ништо да не се случило, слугата станал да свари кафе. Тогаш видел на Фејсбук дека се бара девојчето Вања, па сфатил дека таа била избраната жртва на царот.

Притиснат од грижа на совеста, бидејќи со свои очи сведочел и со свои раце учествувал во грабнувањето и убиството на мало девојче, решил да го прекине заветот за молк.

За време на истрагата дава признание, а дополнително соголување на царот направи и во судница. Како и во приказната за „Царевата нова облека“, кога детето што се издвои од толпата и извика дека царот не е за восхит, бидејќи не е дотеран, туку е гол, така и тој им ги отвори очите на другите, соблекувајќи ја лажната слика за семоќниот Палевски.

Затоа и сведочењето на Кешишев, засега се чини, ја има најголемата доказна вредност.

Другите двајца обвинети, Велибор Манев и Боро Видевски се посебен студиски случај, секој за себе. Во признанието на Манев ја нема наивноста на Кешишев, а се надзира и заднина со која се надева дека ќе ја избегне запретената казна на доживотен затвор. Видевски, пак, негира секаква вина, оправдувајќи се дека поради ќотекот во полиција и во притвор го дал првичното признание. Тврди дека имал алиби, бил на работа и имал куќна слава, но за поткрепа на неговите празни зборови не повика ниту еден сведок, ниту колегите или сопругата. Материјалните докази, пак, одат во прилог на Обвинителството.

Како што засега стојат работите, единствено ослободителна пресуда му е достижна на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски. И покрај убеденоста на обвинителството за негова вмешаност, не се докажа негова врска или комуникација со царот. На крајот на неделата се очекува и сведочењето на „семоќниот“, со кое уште сега е јасно дека ќе ја убедува насобраната толпа народ дека е облечен, а не разголен.

Но, и покрај неговиот брилијантно монструозен ум, заборавил дека совршено злосторство не постои и дека со вд40 со кое ги отстранувал отпечатоците, не можел да ја избрише и меморијата и совеста на поданиците. Или тоа што пиштолот му бил одземен пред двојното убиство, не значи дека не можел да пука со мистериозно исчезнатиот пиштол на Видевски или со друго оружје.

Сепак, како што стојат работите, се чини дека засекогаш ќе остане тајна зошто „царот“ го повлекол чкрапалото и не се задржал на првичниот план за барање откуп. Можеби и причината е сосема трета, која не може ниту да ни падне на ум.

И додека бараме логика во нелогичното, трагедиите никако не запираат. На најболниот начин нѐ потсетуваат дека низ годините сите ние не требало да бидеме дел од замаената толпа и да му аплаудираме со восхит на царот, туку со детска искреност да извикаме дека царот е гол!

Но, еве за да не се грижиме, владата, по којзнае кој пат им објави бескомпромисна борба на криминалот и корупцијата.

Во свечената сала на Владата се одржа првата седница на новиот состав на Меѓуресорското тело за координација на борбата против корупцијата. И додека се обидувам да му најдам н.з.с на ова тело, премиерот Мицкоски појасни дека ова тело немало да биде само уште една административна конструкција, туку синхронизиран систем, кој ќе ѝ застане на патот на корупцијата. Ќе создале нова форма, која ќе има суштина, а нема да биде форма, која ќе биде без содржина.

Аха, демек сега е многу појасно што ќе работи ова тело?! Или што би рекол нашиот напатен народ од „шупљо во празно“!

Оваа форма со суштина, како што ја именуваше премиерот, не е „топла вода“, бидејќи беше создадена од минатата влада предводена од СДСМ. Се смени Законот за влада, само за да се засили борбата против корупцијата. И тогаш свечено се заседаваше, се даваа завети за правда, ама правдината не го дочека светлото на денот. Наместо меѓуинституционална соработка и координација, како што вели словото на законот, бевме сведоци на институционално координирање за замачкување на криминалот и корупцијата.

Затоа сите овие тела и анкетни комисии во најава, кои демек ќе ја истражуваат вистината за „Ласкарци“, „Модуларната болница“, „Беса транс“, а сега и со трагедијата во Кочани, се политичка форма со судска суштина, што е недозволиво! Политичарите, па ниту премиерот, немаат право да гонат и да судат!

Во моментот кога ќе ги тргнат рацете од обвинителството и судството, ќе им дадат одврзани раце и доволен буџет, само тогаш ќе дочекаме форма со суштина, која ќе може да испорача правда!

А тие, на пример, нека најдат итно решение како да ја исправат неправдата што им ја направија на децата од Шуто Оризари. Им ги сопреа државните пари за Дневниот центар, единственото место за кое постоеше надеж дека ќе ги изведе на правиот пат. Баш тука најдоа да бараат влакно во јајцето, па поради административна бариера, замислете им фалел еден документ, кој навреме не им го издало УЈП, па решија да им стават клуч на врата. Еден документ им застана на патот на десетици деца, кои тука секојдневно добиваат храна, се образуваат и воспитуваат.

Но, тоа не е сѐ. Надлежното Министерство дало и мислење за одземање на дозволата на Центарот за дневен престој за децата во ризик бидејќи објектот не ги задоволувал пропишаните услови. Па да, сигурно на овие деца им е подобро на улица, отколку во топлото катче, каде што добиваат внимание, грижа и љубов. Ај што на државата не ѝ е гајле за овие деца, им ги врзува рацете и на оние кои со сета сила се трудат да им помогнат.

Во држава во која ни изгоре младината и иднината, во дискотека, која не исполнуваше ниту еден  услов за работа, дојде редот да се диктира строгост во објект каде што децата се на безбедно! Да не беше трагично, ќе беше смешно.

И да, точно е дека конечно треба да се стави ред и да се тргне од некаде, но верувајте тука сте на погрешна адреса.

Во изминатите години, низ Центарот поминале околу 600 деца. Биле спречени над 200 малолетнички бракови, а многумина добија помош да се вработат.

А што вие непочитувани направивте за овие деца? Или не само за овие, за сите други? Освен тоа што им помогнавте да го спакуваат куферот и да избегаат што подалеку, некаде каде што животот нема цена!

 

Поврзани новости