Тренчевска: Нема што СДСМ да се договара со опозицијата за Изборниот законик, проблемот е кај власта

by irena 17:30
17:30

Пратеничката на СДСМ, Јованка Тренчевска, ја обвини власта дека наместо вистински реформи на Изборниот законик, се обидува да обезбеди политичка корист преку, како што рече, манипулација со гласањето на дијаспората.

„Се потврди дека намерата на власта не беше ниту реформа, ниту подобрување на Изборниот законик, туку изборен грабеж и манипулација со 200.000 гласови на дијаспората“, изјави Тренчевска.

Таа реагираше на повиците опозициските партии меѓусебно да постигнат договор за измените на Изборниот законик, истакнувајќи дека СДСМ нема што да договара со останатите опозициски партии, бидејќи, според неа, одговорноста е кај власта.

„Нема што СДСМ да се договара со опозицијата. Проблемот е кај власта, кај Мицкоски, кој сака да манипулира со 200 илјади гласови“, рече Тренчевска.

Таа праша дали ВМРО-ДПМНЕ претходно не тврдеше дека веќе има договор со Левица и ДУИ и дека овие партии учествувале на лидерска средба за изборните измени.

Според Тренчевска, реформската агенда не е вистински приоритет за премиерот Христијан Мицкоски, туку, како што оцени, служи како „изговор и алиби“ за неисполнетите обврски во процесот на евроинтеграциите.

„Прво беше електронско гласање, а кога тоа не помина, се предложи гласање по пошта – и двата модели, според нив, се совршен начин за кражба на гласови“, обвини Тренчевска.

Таа додаде дека измените на Изборниот законик и онака би требало да почнат да се применуваат од изборите во 2029 година, поради што, според неа, има доволно време да се изгради сигурен, кредибилен и широко прифатен модел преку јавна дебата и политички консензус.

Слични вести