Трамп: Постигнавме трговски договор со Кина

by Fokus

Претседателот на САД – Доналд Трамп, денес изјави дека трговскиот договор меѓу САД и Кина е постигнат по дводневните преговори што се одржаа во Лондон оваа недела.

„Нашиот договор со Кина е склучен“, рече Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.

Според Трамп, САД ќе имаат пристап до резервите на ретки минерали и магнети на Кина, што беше едно од главните барања на американската делегација за време на разговорите во Ленсдаун Хаус во понеделник и вторник.

Трамп додаде дека односите меѓу Вашингтон и Пекинг сега се „одлични“, иако во претходните изјави тврдеше дека преговорите биле „многу тешки“, а во истото соопштение истакна и дека е постигнат договор за нивото на царините – Америка 55 проценти, Кина 10 проценти. Исто така, Трамп изјави дека за возврат, на кинеските студенти им е дозволено да студираат на американските универзитети, објавува „Гардијан“.

Според „Јаху Фајнанс“, Трамп не го споменал олеснувањето на контролите за извоз на САД, особено во дизајнот и производството на полупроводници.

Договорот доаѓа во време кога САД и Кина се обидуваат да ги стабилизираат трговските односи, кои во претходните години беа оптоварени со меѓусебни царини, контроли на извозот и политички тензии.

Иако царините на Трамп сè уште се соочуваат со правна несигурност, федералниот апелационен суд пресуди дека царините можат привремено да останат на сила. Претходно, Меѓународниот трговски суд го блокираше нивното спроведување минатиот месец, сметајќи го методот што се користи за нивно спроведување за „нелегален“, објавува „Танјуг“.

Поврзани новости