Трамп очекува „нешто“ да произлезе од преговорите со Путин, оптимист е и Лавров

by vlatko 18:12
18:12

Американскиот претседател Доналд Трамп, во изјава за новинарите во авионот „Ер форс уан“ на пат за Алјаска, каде денеска ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, најави дека очекува „нешто да произлезе“ од разговорите.

Трамп изјави дека Путин смета оти нападите врз Украина му даваат преговарачка предност, но, според него, тоа му штети.

На средбата ќе се разгледуваат и можни територијални отстапки, за кои, како што нагласи, одлуката треба да ја донесе Украина.

Тој додаде дека се можни и безбедносни гаранции за Украина, но не во форма на членство во НАТО, туку преку договор со Европа и други земји.

Во однос на економската соработка, Трамп рече дека Русија е заинтересирана за дел од американската економија, но „нема да има деловна активност додека трае војната“.

Трамп го потврди и своето предупредување од почетокот на неделата за „сериозни економски последици“ доколку Путин не покаже интерес за мир, додавајќи дека тоа го прави „за да спаси многу животи“.

Во меѓувреме, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров пристигна на Алјаска во сив блузон со натписот „СССР“. Снимката која се појави на Телеграм каналот на весникот „Известија“ се прошири на социјалните мрежи.

Лавров даде брза изјава одејќи од службениот автомобил до хотелот во Енкориџ.

-Никогаш не планираме ништо однапред. Знаеме дека имаме аргументи, јасна, разбирлива позиција. Ќе ја презентираме – рече рускиот министер.

Тој, исто така, рече дека „многу е веќе направено за време на посетите на специјалниот пратеник на американскиот претседател Стив Виткоф“ кој во Москва разговараше со Путин во име на претседателот Трамп.

– Се надевам дека ќе го продолжиме овој корисен разговор.

Трамп и Путин денеска треба да имаат тет-а-тет средба во базата во базата Елмендорф-Ричардсон од Студената воја. За подоцна е најавено да им се придружат и делегации од по 5 преговарачи.

Централната тема на состанокот ќе биде решавањето на украинската криза, изјави претходно помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков.

Слични вести