Црногорската полиција го осомничи 18-годишниот македонски државјанин Андреј Танасковски за обидот за убиство на Марко Љубиша, познат како Кан (56), од Будва, пишува црногорски „Вијести“.
Полициската управа на Црна Гора истакнува дека нивните службеници, во соработка и координација со Вишото државно обвинителство во Подгорица, „по преземање на сеопфатни истражни и полициско-обвинителски мерки и дејствија, обезбедиле докази и го расветлиле кривичното дело обид за убиство извршено на 7 август 2025 година, во хотелскиот комплекс Маестрал во Будва“.
Според податоците со кои располага црногорската полиција, Кан е висок член на криминалната група од Будва, која е тесно поврзана со криминалниот Шкаљарски клан. Тој бил ранет пред осум дена, на базенот на хотелскиот комплекс во Пржно.
„Со преземање на бројни извидувачки, оперативни, тактички, технички, форензички и доказни мерки и дејствија во координација со Вишото државно обвинителство, полициските службеници брзо го идентификуваа сторителот на ова тешко кривично дело, имено А.Т. (18), државјанин на Северна Македонија. А.Т., користејќи огнено оружје на гореспоменатиот ден, испукал два проектили во правец на М.Љ., кој се здобил со телесни повреди во главата. По извршувањето на кривичното дело, А.Т. избегал во непознат правец“, соопшти Полициската управа.
Оттаму објаснуваат дека на Љубиша веднаш му е укажана медицинска помош и дека по укажаната медицинска помош, тој е пуштен на понатамошно домашно лекување.
Постои основано сомнение дека директниот сторител на кривичното дело А.Т., при планирањето и подготвителните дејствија, го искористил како начин на инфилтрација во спроведувањето на криминалните активности престојот како гостин во хотел под фалсификувана документ – лична карта на име Ј.Г., како државјанин на Република Србија.
Според информациите до кои дошле „Вијести“, тој користел лажен документ за идентификација во кој биле внесени податоците на српскиот државјанин Јован Галиќ, роден во септември 2006 година.