Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави и Иран се блиску до постигнување договор кој би можел да стави крај на воените судири и тензиите на Блискиот Исток.
Трамп за време на телефонско обраќање пред свои поддржувачи изјави дека Вашингтон добил уверување од иранска страна дека нема да развива нуклеарно оружје, што, според него, било главната цел на американската политика кон Иран.
„Не знам дали слушнавте, но денес ја завршивме војната со Иран. Се согласија никогаш да немаат нуклеарно оружје. Тоа беше нашата главна цел“, изјави Трамп.
Според американскиот претседател, договорот би можел да придонесе за целосно смирување на конфликтот и повторно отворање на Ормускиот Теснец, една од најважните поморски рути за светската трговија со нафта. Тој најави дека потпретседателот Џеј Ди Венс би можел да присуствува на церемонијата на потпишување на договорот во Европа во наредните денови.
Трамп откри дека во изминатиот период разговарал со повеќе светски лидери, меѓу кои и со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, во обид да се обезбеди поширока поддршка за мировниот процес.
Претходно, американскиот претседател најави можни мерки против иранската нафтена инфраструктура, вклучително и стратешкиот остров Харг, но подоцна соопшти дека планираните активности биле откажани поради напредокот во преговорите.
Од друга страна, реакцијата од Техеран е значително повоздржана. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, изјави дека извештаите за конечен договор се шпекулативни и дека сè уште нема финализиран документ.
Според него, најголем дел од текстот е усогласен, но остануваат отворени прашања околу условите што ги поставува Вашингтон. Багеи нагласи дека Иран нема да отстапи од своите „црвени линии“ и дека преговорите сè уште не се завршени.
Војната меѓу САД, Израел и Иран започна на 28 февруари со заеднички американско-израелски воздушни напади врз ирански воени и државни цели. Во нападите беше убиен и тогашниот врховен лидер на Иран, Али Хамнеи, заедно со повеќе високи државни и воени функционери, што предизвика дополнителна ескалација на конфликтот.
И покрај оптимистичните изјави од Вашингтон, останува неизвесно дали најавениот договор навистина ќе биде потпишан во наредните денови и дали ќе доведе до трајно смирување на состојбата на Блискиот Исток.