Американскиот претседател Доналд Трамп изјави на владина седница во Вашингтон дека американските сили речиси целосно ги уништиле воените капацитети на Иран, но предупреди дека и минимална закана од Ормуски теснец може да има сериозни последици.
„Ги разбираме воено. Немаат воздушни сили, немаат морнарица, останаа многу малку проектили. Тешко се произведуваат, а истото важи и за дроновите. Нивното раководство е елиминирано“, рече Трамп.
Тој нагласи дека дури и 99% уништување не е доволно: „Тој 1% е неприфатлив, бидејќи може да значи проектил што ќе погоди брод вреден милијарда долари. Значи, 99% не е доволно.“
Претседателот додаде дека Иран покажува интерес за договор: „Имам чувство дека ова ќе се реши брзо. Тие сакаат договор. Можеби со овие изјави го отежнавме процесот, но вчера тврдеа дека не преговараме, а сега признаваат дека преговараме. Причината е што им нанесовме тежок удар“, изјави Трамп.
Конфликтот започна на 28 февруари со заеднички американско-израелски воздушни напади врз ирански воени и нуклеарни цели, при што беше ликвидирано високо раководство, вклучувајќи го и врховниот лидер Али Хамнеи. Иран возврати со ракетни и дронски напади врз американски бази и сојузници во регионот, вклучувајќи цели во Саудиска Арабија, Обединети Арапски Емирати и Ирак, предизвикувајќи штета на енергетска и воена инфраструктура.
По почетокот на конфликтот, Иран значително го ограничи поминувањето низ Ормускиот теснец — една од клучните морски рути за глобалната трговија со нафта, низ која минува околу една петтина од светските резерви. Иако Техеран тврди дека теснецот не е целосно затворен, воведени се строги услови и ограничувања за бродовите, особено за оние поврзани со САД и нивните сојузници. Ова доведе до нарушувања на енергетските пазари и пораст на цените на нафтата.