Тошковски за ИБНА: Ова што се случува со европскиот процес е повеќе од застој, тоа е неправда

by Fokus

Тоа што се случува со европскиот процес е повеќе од застој, тоа е неправда. Европската идеја не смее да се сведува на билатерални уцени, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервјуто за Независната балканска новинска агенција (ИБНА) и ја истакнува посветеноста на Владата на европските реформи на патот кон ЕУ, но и нагласува дека време е Европа да се соочи со прашањето: дали регионот навистина е дел од нејзината иднина и ако е така „тогаш вратите треба да се отворат со почит и партнерство, а не со нови барања и условувања“, јави дописничката на МИА од Атина.

Интервјуто на министерот за ИБНА е за време на неговата посета на општината Преспа во Грција, во четвртокот, кога започнаа работите за изградбата на граничниот премин Маркова Нога – Лемос во делот на грчка територија, а Тошковски говори и за ЕУ перспективата на земјава, за соработката со Грција, за мигрантското прашање, за Договорот од Преспа, но и за случуваењата во владината коалиција и нагласува дека „Владата е стабилна“.

За новиот граничен премин, Тошковски вели дека е повеќе од инфраструктурен проект, „тоа е симбол на зрелост, одговорност и европска перспектива“, но и доказ дека можеме да ја градиме иднината врз основа на заеднички интереси што ги носат нашите држави поблиску до Европа.

– За регионот на Преспа, ова значи нова енергија и економска и туристичка и културна. Локалните заедници на двете страни на границата добиваат нова шанса за развој, а државите покажуваат зрелост и визија. Овој премин нема да ги поврзува само двете држави, тој ќе ги поврзува луѓето, историите, природата и иднината претставувајќи вистински европски пример за прекугранична соработка, истакнува министерот.

Паралелно се осврнува и на неговто портфолио и соработката со јужниот сосед, нагласувајќи дека „и покрај политичките турбуленции во минатото, полициската соработка меѓу двете земји е на навистина високо ниво“.

Извор: МИА

Поврзани новости