Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска одговарајќи на новинарски прашања во врска со осомничениот во истрагата за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино, Асмир Јахоски и како му е издаден пасош за еден ден, рече дека прашањето е како е донесена одлука од Судот да се врати предметната патна исправа на осомниченото лице, а не зошто МВР постапило согласно одлуката на Судот.
– МВР постапува согласно одлука донесена од страна на Судот. Како и за други личности кои беа исто така од интерес за јавноста во минатото кога постапивме согласно законски надлежности и во рамки на итна постапка сме издавале документи за еден ден, така и во овој случај постапуваме и издаваме по одлука на судот документација соодветна во рамки на надлежност на Министерството, најбрзо што може кога е по итна постапка, истакна Тошковски.
Посочи дека „суштината на прашањето треба во овој случај да биде како е донесена одлука од судот да се врати предметната патна исправа, а не зошто МВР постапило согласно одлуката на Судот“.
– МВР не може да постапи поинаку. Ниту сега, ниту претходно, ниту па во иднина нема да постапиме спротивно на наредба дадена од страна на обвинител и на одлука донесена од страна на надлежниот суд, нагласи министерот за внатрешни работи.
Асмир Јахоски, сопственикот на компанијата „Пуцко петрол“, за кого Судот има определено мерки за претпазливост во рамки на истрагата за злоупотреби со мазутот за ТЕЦ Неготино, надвор од државата патувал со исправа со ограничен рок на важење, информира вчера од МВР.
Излез од државата Јахоски остварил на Граничниот премин Богородица во петокот на 30 мај и се вратил во државата преку истиот граничен премин денеска на 2 јуни.
– Лицето за кое прашувате остварило излез од Република Северна Македонија на Граничен премин Богородица на 30.05.2025, а се вратило во државата на 02.06.2025 преку Граничен премин Богородица. Имено лицето извршило излез од државата со патна исправа со ограничен рок на важење издадена од МВР по претходно донесено Решение КСЖ бр. 540/25 од 29.05.2025 на Апелационен суд со кое се дава согласност на лицето А.Ј. да му се издаде патна исправа со ограничен рок на важење, се вели во одговорот од МВР.
Јахоски, вчера претпладне се пријавил во Кривичниот суд Скопје, со што ја исполнил обврската за редовно пријавување во Судот, потврдија од Кривичен.