Тошковски: Полициската униформа носи тежина, но и огромна чест!

by irena 12:20
12:20

Полициската професија не е професија којашто завршува со истекот на работното време. Таа е животен избор, повик кој бара храброст кога е најтешко, смиреност кога сите други се вознемирени, чесност кога никој не ја гледа и човечност во секоја постапка. Ќе има денови кога ќе бидете први на местото на несреќата, први кога некој ќе побара помош, први кога ќе треба да застанете помеѓу опасноста и граѓаните. Токму затоа оваа униформа носи тежина, но и огромна чест.

Ова го порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, денеска на промовирањето на 496 нови полициски службеници од генерацијата 2025-2026 во Полициската академија на Министерството за внатрешни работи во Идризово.

Според него, силната држава започнува со силни институции, а безбедноста е темелот врз којшто се гради економскиот развој, правната сигурност и квалитетот на животот на секој граѓанин.

– Денес, кога ќе ја положите свечената заклетва, прифатете ја како лична обврска пред себе, пред вашите семејства, пред вашите колеги и пред Македонија. Обврзете се дека секогаш ќе ги почитувате Уставот и законите, дека ќе водите бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, дека ќе ја штитите безбедноста на секој граѓанин без разлика на неговата етничка, верска, политичка или која било друга припадност и дека достојно ќе ја носите полициската униформа, подвлече Тошковски.

Тој потсети дека со стапувањето на функцијата заедно со соработниците отпочнале процес на темелна модернизација и јакнење на македонската полиција, меѓу кои ги наброја: новите полициски станици, современа опрема, нов возен парк, подобри услови за работа, дигитализација на услугите….

– Резултатите веќе се видливи. Денес Македонија има најнизок криминалитет во последните 20 години, што е резултат на посветена работа на секој полициски службеник, но и на реформите, модернизацијата и професионализацијата што континуирано ги спроведуваме. Тоа е потврда дека кога се инвестира во луѓето, во знаењето и во институциите, резултатите не изостануваат, подвлече Тошковски.

Забележа дека оваа генерација уште за време на обуката покажала исклучителна подготвеност, дисциплина и професионален потенцијал, но и оти е генерација која ја завршила обуката во целосно обновени услови.

– Центарот за обука во Идризово денес претставува современа образовна институција, меѓународно акредитирана за спроведување на полициска едукација според највисоки професионални стандарди, но тука не застануваме. Од оваа година Центарот за обука прераснува во Полициска академија, која ќе биде носител на развојот на полициското образование, континуирана обука и професионалната специјализација на сите полициски службеници, истакна Тошковски.

Слични вести