Фудбалската топка со која Диего Армандо Марадона го постигна голот „Божја рака“ на Светското првенство во 1986 година е продадена на аукција за 2,5 милиони фунти, пишува Би-Би-Си.
Во 51. минута од четвртфиналниот натпревар одигран на 22 јуни 1986 година во Мексико Сити, Марадона ѝ донесе водство на Аргентина, постигнувајќи гол со рака, а само четири минути подоцна ја удвои предноста со фантастичен слалом од средниот ред до противничкиот гол, поминувајќи четири противнички играчи и голманот.
Аргентина го освои тоа Светско првенство совладувајќи ја во финалето Западна Германија со 3-2.
Топката „Адидас Ацтека“ повеќе од три децении беше во сопственост на Тунижанецот Али Бин Насер, кој го судеше четвртфиналниот натпревар во 1986 година.
Фудбалскиот судија потпиша писмо во 2023 година со кое потврдува дека тоа е единствената топка што е користена за време на натпреварот, што беше потврдено со понатамошна независна верификација на нејзината автентичност.
Бин Насер ја продаде топката во 2022 година за 2,37 милиони долари.
Дресот што го носеше Марадона за време на истиот натпревар беше продаден за 7,1 милиони фунти на аукција во 2022 година.