„Тхор Индустриес“ на Дрин Ахмети ќе ја извлекува „Соравиа“ од стечај со план за реорганизација!

Собранието на доверители на стечајниот должник „Соравиа Инвест“ донело одлука членот на Одборот на доверители, „Тхор Индустриес“, да предложи план за реорганизација, додека, според судското решение, биле оспорени побарувањата на бугарската „Прва инвестициона банка“, која неодамна иницираше неуспешен обид за продажба на атрактивниот деловен објект во центарот на Скопје преку извршител.

by vlatko 14:30
14:30

Во рамки на стечајната постапка што се води за друштвото „Соравиа Инвест“, во чија сопственост е атрактивниот деловен објект во строгиот центар на Скопје „Соравиа“, биле донесени неколку битни одлуки, покажуваат официјалните податоци.

Имено, со Решение од 29.12.2025 година на надлежниот Основен граѓански суд-Скопје, кое е доставено и до Централниот регистар, се констатира дека Собранието на доверители донело одлука деловниот потфат на стечајниот должник „Соравиа Инвест ДООЕЛ Скопје“ привремено да продолжи.

Притоа, Собранието на доверители донело одлука Одборот на доверители на должникот да го сочинуваат Управата за јавни приходи, „2 СС“, „Манекс Корпорејшн“, „Тхор Индустриес“ и “Прва инвестициона банка АД Софија“.

Воедно, бил задолжен еден од членовите од Одборот на доверители – „Тхор Индустриес“, во рок од 45 дена од денот на добивање на овластувањето да достави план за реорганизација на должникот согласно одредбите од Законот за стечај.

Покрај тоа, било оспорено побарувањето на „Прва инвестициона банка“ од околу 53 милиони денари или 873 илјади евра со барање за признавање на разлачно право на заложени закупници, како и побарувањето од 287 милиони денари или 4,6 милиони евра на име трошоци за реализација на заложно право…

„Се упатуваат доверителите чии побарувања се оспорени од страна на стечајниот управник да поведат постапка за утврдување на оспорените побарувања во рок од 8 дена од денот на приемот на решението, согласно член 91 од Законот за стечај“, стои, меѓу другото, во судското решение.

Инаку, „Фокус“ пишуваше дека на почетокот на 2025 година беше покренат обид за продажба на деловниот центар „Соравиа“ преку извршна постапка на барање токму на бугарската „Прва Инвестициона Банка“, но овој обид беше пресретнат и спречен со отворање стечајна постапка врз „Соравиа Инвест“ на предлог на „Тхор Индустриес“.

Предметот за „Соравиа“ се уште е во предистрага – се чека и меѓународна правна помош!

Според проверките што ги извршивме, досега се смениле неколку стечајни управници, додека првиот од нив бил променет на барање на УЈП – еден од членовите на Одбор на доверители. Во однос на нашето прашање за причините поради кои побарале смена на првиот стечаен управник, од таму ни посочија дека не можат да објавуваат „конкретни детали кои претставуваат доверливи даночни информации“.

„Како доверител во постапката, УЈП ги пријави даночните побарувања во законски предвидениот рок, ги приложи сите акти и докази за побарувањето преку Државното правобранителство кое понатаму како законски застапник на УЈП во стечајната постапка ги презема сите процесни дејствија во судската постапка, со цел заштита на имотните права и интереси на државата“, ни одговорија од УЈП.

Додека се води стечајна постапка за „Соравиа Инвест“, паралелно тече предистражната постапка во рамки на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а воедно, според одговорот што го добивме од Обвинителството, постапуваат и други институции.

„Во однос на предистражната постапка поврзана со деловниот центар „Соравиа“, ве информираме дека предметот е во предистражна постапка. Во него, освен ОЈО ГОКК, тековно постапуваат и други релевантни институции, а воедно се чека и постапувањето по меѓународна правна помош на американските институции“, велат од ЈО.

За потсетување, деловниот центар „Соравиа“ влезе во фокусот на јавноста поради контроверзниот процес на промена на сопственичката структура на компанијата што го поседува атрактивниот објект – „Соравиа Инвест“, во кој вклучена беше компанијата „Тхор Индустриес“ на Дрин Ахмети, внук на лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Иако помладиот Ахмети неодамна најавуваше дека во рок од неколку месеци ќе се реализира продажбата и преземањето на објектот од досегашниот австриски сопственик, сепак, овој процес никогаш целосно не се заокружи, туку напротив – се искомплицира.

Сега, пак, неговата „Тхор Индустриес“ треба да предложи план за реорганизација на стечајниот должник, од што ќе зависи судбината на компанијата, како и на вредниот објект, кој, како што објавивме, вреди двојно повеќе од обврските кон доверителите и патем секој месец генерира приливи од закупнини.

Смени на управници, доверител под истрага: Како тече стечајот за „Соравиа“ и каква ќе биде судбината на атрактивниот објект?

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести