Тешко е да се каже дали е на повидок нова партиско-полициска афера или се работи за „фингерајка“ за дефокусирање на јавноста, но она што може да го извлечеме како заклучок е дека работите се појавуваат како инциденти и афери. Она што е очигледно е дека во суштина постои некаков континуитет на беззаконие, недоволна контрола и законско и професионално постапување на службите кое што влече корени уште од стариот систем и кое во суштина никогаш не беше ни вистински реформирано, изјави универзитетскиот професор Гордан Калајџиев во„Трилинг“ околу последната афера поврзана со следење на функционери и јавни личности.
-Ние знаеме дека нашите служби по традиција ја имаат таа слабост да функционираат повеќе по политички критериуми отколку професионално-безбедносни и тоа е стара болка. За конкретниов случај никој сега со сигурност не може да каже нешто без да се направи соодветна контрола на случајот и да се има целосен увид. Теоретски е можно да нема злоупотреби и покрај тоа што можеби на еден или друг начин бил евентуално и следен.
Вие знаете дека дипломатско-конзуларните претставништва по дефиниција вклучуваат разноразни агентури, разузнавачки служби и тие непосредно комуницираат и со партиите, така што во следење на нивните активности не е чудо да се јават како таргет или како некој што упаднал во тие ситуации и високи политички фигури.
И тоа не е лошо, ниту забрането доколку е „бона фиде“ според професионални критериуми зависно од ситуацијата. Проблем е ако тие надвор од безбедносно-професионалните, од аспект на чиста злоупотреба, се ставени на опсервација за да се оцрнат. Затоа можни се и двете ситуации – смета Калајџиев.