ДУИ не го менува лидерот, но ќе го менува Статутот – повеќе млади луѓе во раководството и ограноците!

По завршување на локалните избори, Али Ахмети порача дека ДУИ ја сочувал довербата од граѓаните, но сепак најави дека губењето на клучни општини ќе послужи како повод за длабинска анализа и корекција на недостатоците. Еден од тие „недостатоци“, според информации на „Фокус“, треба да се отстрани со отворање на вратата на ДУИ за млади кадри, кои треба да добијат поголемо значење и одговорност за сметка на „вечните функционери“. За таа цел, дознаваме дека на претстојниот партиски Конгрес треба да се промени Статутот, за да се промени начинот на избор на раководства на ограноците, што треба да се рефлектира и при структуирањето на централните органи.

by vlatko 18:31
18:31

Иако ДУИ освои градоначалници во само четири мали општини со мнозинско албанско население, сепак, партискиот лидер Али Ахмети по првиот изборен круг оцени дека коалицијата Алијанса за национална интеграција, предводена од ДУИ, победила на локалните избори, бидејќи освоила над 20 илјади гласови повеќе на советничките листи во споредба со ВЛЕН.

–Дали слушнавте кој победи, зошто да се повлечам од политиката? Дали ги сакате резултатите, одете во ДИК. Ако може да видите дали за 25 години има еден пораз на Ахмети тогаш ќе се повлечам. Еве ги резултатите, 25 години сме победиле, не само последниве 3 циклуси. Апсолутно не е пораз во Тетово и Струга, на 2 ноември играта почнува од 0:0. За Чаир и Сарај – во битки има и порази – рече Ахмети меѓу двата изборни круга.

Меѓутоа, вториот изборен круг го запечати изборниот неуспех на НАИ, бидејќи кандидатите на ВЛЕН победија и во Тетово, Струга, Дебар, Боговиње и Долнени, откако уште во првиот круг запишаа победи во Чаир, Сарај, Арачиново, Теарце и Желино. Така, НАИ освои градоначалнички места само во Липково, Пласница, Чашка и Студеничани, што, меѓу другото, предизвика далеку поумерена реакција на Ахмети по вториот изборен круг.

–Легитимитетот на секоја политичка визија произлегува од довербата на граѓаните, а оваа доверба не е нарушена, туку зајакната. Сепак, губењето на неколку клучни позиции на општинско ниво ќе послужи како повик за длабинска анализа, за обновување на стратегиите и корекција на евентуалните недостатоци за да им се понуди повеќе и подобро на граѓаните – рече тој.

На тој начин, лидерот на ДУИ најави промени и реформи во рамки на ДУИ, чии насоки ќе се утврдат на претстојниот партиски Конгрес, кој треба да се одржи на 20-ти декември. Според сите досегашни најави, тешко веројатна е можноста да дојде до повлекување на партискиот лидер Ахмети, бидејќи колку што ДУИ е созреана за лидерска промена, толку тоа носи опасност од отворање на простор за продлабочување на внатрепартиските разлики.

Затоа, како што велат високи партиски извори, Ахмети ќе остане на чело на ДУИ уште еден мандат, меѓутоа ќе има големи кадровски и друг тип на промени во целокупната партиска структура и организација. За таа цел, на претстојниот Конгрес на ДУИ треба да се промени партискиот Статут, со цел да се регулира изборот на општински раководства и да се отвори простор за млади луѓе.

–Ахмети сам би се повлекол веднаш доколку дозволува ситуацијата, но моментално ситуацијата не е таква. Тој ќе остане уште еден мандат на чело на партијата, но ќе се случат многу други промени. Меѓу најважните ќе биде промена на Статутот бидејќи се покажа дека изборот на раководства во општинските организации според принципот еден член еден глас е непродуктивен. Така беа изгласани многу партиски авторитети, но младите беа маргинализирани и тоа сега ќе се поправи – вели висок партиски функционер.

Притоа, упатените посочуваат дека во партијата има свесност дека има лоша перцепција кон многу функционери, кои долги години држат високи партиски и државни функции. Еден од нив е поранешниот градоначалник на Сарај и актуелен пратеник Блерим Беџети, кој после изборите се повлече од позицијата координатор на пратеничката група на ДУИ, велејќи дека време е поголема улога да преземат помладите пратеници.

Инаку, Беџети своевремено беше дел од „огнената група“ заедно со уште еден актуелен пратеник и висок функционер на ДУИ, Муса Џафери, кој исто така има исклучително негативен имиџ во јавноста и се очекува негово дистанцирање. За потсетување, тие одлучија да не го следат Изет Меџити во проектот за формирање нова политичка партија, која подоцна стана дел од ВЛЕН, туку останаа дел од ДУИ.

Она што дополнително им се зема како „грев“ на Беџети, Џафери и други „стари волци“ во ДУИ е тоа што партијата, т.е. партиските/коалициските кандидати за градоначалници убедливо загубија на локалните избори во нивните матични средини. Но, нашите соговорници велат дека ова начело нема да се применува за дисквалификација на сите партиски кадри кои директно или индиректно загубија на изборите.

Имено, во тој контекст треба да се наведе партискиот потпретседател Бујар Османи, кој како кандидат за градоначалик на Чаир загуби од Меџити. Уште еден партиски потпретседател, Бајрам Реџепи, пак, загуби во трката за градоначалник на Тетово, што делумно паѓа врз грбот и на генералниот секретар на ДУИ Фатон Ахмети. Сепак, тие се очекува да бидат дел од костурот и на новото раководство на ДУИ, заедно со носителите на советничките листи на ДУИ во Гостивар и Струга, Валдет Џафери и Фатон Положани итн.

Освен ДУИ, постизборен Конгрес ќе одржи уште една опозициска партија – СДСМ, чиј лидер Венко Филипче најави дека нема намера да се повлече од лидерската позиција. Но, и тој најави кадровски промени на други нивоа во СДСМ, врз основа на анализата што ќе биде направена на изборните резултати. Во меѓувреме, оставки си поднесоа претседателот на Градската организација Ѓорѓи Галетановски, кандидатот за градоначалник на Ѓорче Петров Костадин Ацевски и потпретседателката Ана Чупеска.

Исто така, Конгрес ќе одржи и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, на кој партискиот лидер и премиер Христијан Мицкоски треба да го добие третиот четиригодишен претседателски мандат. Веќе извесно време Мицкоски најавува дека по Конгресот ќе се случи темелна реконструкција на партиската структура, по што треба да следува и одредена владина реконструкција. Засега непознато е кој ќе биде опфатен со оваа реконструкција.

Кои министри ќе ги опфати владината реконструкција, која ќе следува по Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ?

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести