Талески до Трипуновски: По две години неуспеси, ќе соберете ли храброст да поднесете оставка?

by irena 14:00
14:00

Пратеникот на СДСМ, Миле Талески, од собраниската говорница упати остри критики кон министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, обвинувајќи го за, како што рече, неуспешно раководење со ресорот и сериозни пропусти во работењето.

На денешната седница посветена на интерпелацијата на министерот, Талески изјави дека јавноста добила потврда зошто опозициската партија ја поднела иницијативата за негово разрешување.

„Кога граѓаните и земјоделците ќе прашаат зошто поднесовме интерпелација, денес се покажа зошто СДСМ поднесе интерпелација за овој неспособен, катастрофален и арогантен министер за земјоделство. Тој зборуваше за сè, освен за неговото двегодишно катастрофално владеење“, изјави Талески.

Според него, наместо најавените реформи и подобрување на состојбите во земјоделството, во изминатиот период биле регистрирани низа скандали и проблеми кои, како што рече, директно им наштетиле на земјоделците.

Талески го обвини Трипуновски дека заедно со неговите соработници во Министерството создале состојба на хаос во секторот.

„Заедно со неговата криминална свита во Министерството направија пустош во земјоделството. Наместо реформи, добивме скандали. Наместо европски фондови и развој, добивме суспензија на ИПАРД програмата“, рече пратеникот.

Во своето обраќање тој директно го повика министерот да размисли за оставка и да преземе лична одговорност за состојбите во ресорот.

„Дали после пустошот што го направивте и предизборните лаги кон земјоделците, ќе соберете храброст да поднесете оставка? Лично да се одважите на таков чекор, наместо да чекате некој друг да ве разреши“, порача Талески.

Интерпелацијата против министерот Трипуновски е поднесена од пратеничката група предводена од СДСМ. Во образложението се наведуваат сомнежи за системска корупција во Министерството за земјоделство, случаи на апсења на високи функционери поради наводно примање мито, како и обвинувања за загрозување на јавниот интерес и суспензија на ИПАРД 3 програмата.

Од опозицијата тврдат дека актуелните политики во земјоделството создаваат ризик од селективна и нетранспарентна распределба на јавните средства, што според нив е на директна штета на земјоделците и на развојот на секторот.

Од друга страна, владејачкото мнозинство и министерот Трипуновски ги отфрлаат обвинувањата, оценувајќи дека интерпелацијата е политички мотивирана и дека во изминатиот период се преземени повеќе мерки за поддршка на земјоделците и подобрување на состојбите во агросекторот.

Слични вести