Тајна е колку државни институции и компании се клиенти на Алта банка: Народна банка бара решенија компаниите да исплатат плата до 15-ти

by irena 11:49
11:49

Започна исплатата на готовински средства за клиентите на Алта банка АД Битола кои немаат платежни картички.

На новоотворените шалтери во битолската филијала, граѓаните главно пензионери и приматели на социјална помош ќе можат да подигнат максимум до 20.000 денари во период од две недели. Исплатата ќе се одвива строго по распоред, а граѓаните за нивниот точно определен термин ќе бидат известени преку СМС-порака.

„Платите и пензиите продолжуваат да се уплаќаат на сметките, а средствата остануваат на сметките на клиентите. Од вкупно 11.500 пензионери што примаат пензија преку Банката, околу 3.500 немаат платежни картички. За нив и за сите граѓани кои не поседуваат платежни картички, Народната банка подготви посебно решение за исплата преку шалтер, кое стартува од утре (https://www.nbrm.mk/ns-newsarticle-soopstenie-04112026.nspx) Се работи и на воспоставување на електронското и мобилното банкарство“, велат од НБРМ за „Фокус“.

За разлика од овие лица, останатите физички лица, според времената одлука на Народната банка, ќе можат да подигаат готовина и да плаќаат со картички издадени од банката кај трговци до 10.000 денари неделно, додека внатрешните трансакции во банката остануваат неограничени.

По бројните реакции на граѓаните кои со право негодуваа дека неделниот лимит од 10.000 денари е премалку, се постави прашањето дали мерката е уставна со оглед на тоа дека примањето на плата, пензија или останати приходи е обврска за граѓаните регулирана со закон.

„Согласно Законот за банки, со решението за воведување администрација во банка, Извршниот одбор на Народната банка може да ги ограничи активностите на банката во однос на давањето платежни услуги или за одреден период да ѝ забрани давање платежни услуги. Врз основа на оваа законска можност, со цел заштита на средствата на депонентите и обезбедување уредно спроведување на постапката, во моментов се утврдени следниве ограничувања:

Физички лица: неделен лимит од 10.000 денари по физичко лице за готовински подигања и плаќања кај трговци со платежните картички издадени од Банката. Внатрешните плаќања во рамките на Банката се неограничени. Правни лица: можат да вршат внатрешни плаќања во рамките на Банката, кон сметките на други правни и физички лица, без ограничување на износот. Преносите на средства надвор од Банката се привремено ограничени. Странство: приливите преку СЕПА и кореспондентното банкарство се одвиваат непречено, додека одливните плаќања кон странство се привремено недостапни.

Мерката е привремена, со времетраење до три месеци, а ограничувањата ќе се разгледуваат во согласност со развојот на настаните“, ни коментираат од централната банка.

Народната банка веќе назначи тројца администратори назначени од Народната банка го преземаат управувањето со Алта банка АД Битола во наредните три месеци, поради околности што можат сериозно да ја загрозат нејзината солвентност.

Со решението од 1 ноември, за администратори се именувани Илија Андовски, Весна Стојчевска и Марија Тодоровска, кои ги преземаат надлежностите на управните тела и Собранието на акционери, со исклучок на одлуките за зголемување на капиталот.

Тројцата експерти од Народна банка ќе имаат рок од 21 ден да ја утврдат финансиската состојба на банката и да достават извештај до Народната банка.  Во периодот на нивното управување со Алта банка,  воведени се ограничувања за располагање со средствата.

Од Народната банка велат дека средствата на граѓаните не се  замрзнати, но ограничувањето кое се однесува по физичко лице, важи и за средствата одобрени на кредитните картички.

На прашањето колку јавни институции се клиенти на Алта банка АД Битола и дали е загрозено работењето на државните институции, компании и исплаќањето на платите, Народната банка потенцира дека тие податоци се банкарска тајна.

„Согласно Законот за банки, податоците за поединечни клиенти, без оглед дали станува збор за физички или правни лица, претставуваат банкарска тајна. Затоа Народната банка не може да дава информации за тоа кои конкретни институции, претпријатија, општини или компании имаат сметки или средства во одредена банка.

Правните лица можат да вршат внатрешни плаќања во рамките на Банката без ограничување на износот, додека преносите надвор од Банката се привремено ограничени. Народната банка ги разгледува можните решенија за компаниите што треба да ги исплатат платите на вработените и да ги подмират обврските за даноци и придонеси, имајќи предвид дека законскиот рок е до 15-ти во месецот. Јавноста ќе биде навремено информирана за сите донесени одлуки“, додадоа од НБРМ најавувајќи нови одлуки за платите на вработените од компаниите кои треба да исплатат плата до 15 ноември.

Орце Костов

Слични вести