Таче виа Грујо

Таче е на одличен пат да го стигне Грујо. Никогаш не се знае, ако Грујо се врати, може и да го земат за советник за медиуми на Илинденска бб.

by Fokus

Пишува: Јанаки МИТРОВСКИ

“Постојат медиуми кои се антиалбански настроени. Алфа, Телма, Мелма и такви некои” восклисна Али Ахмети на партиска трибина. Причината за вакви шиканирање на медиуми банална- известувањето на посочените медиуми за внатрепартиските превирања во ДУИ, нешто што е тема цела измината година. За да биде “исто како до сега” се погрижи и неизбраниот премиер Ковачевски, кој наместо да се огради или да го осуди овој испад на Ахмети отиде и подалеку.

Во Македонија да ти постоеле медиуми кои не биле по ќеиф на премиерот пa така одговарајки на новинарско прашање кажа дека во Македонија имало еден медиум кој е партиско гласило, а имало и медиум кој повеќе наликувал на компанија за енергенси отколку на медиум. На ваквите скандалозни изјави со право реагираа еснафските здруженија.

По овие реакции Ковачевски демек се извини, користејки лупинг наративче или народски кажано се извини вртејки како киша око Крагуевца. Имено Таче наведе дека тој не посочил конкретен медиум и ако некој се препознал во таа изјава и ако тоа било вистина и ако имал потреба од извинување ете тој се извинувал. Бре бре па син ми од осум години по волно се извинува кога го карам дека мавнал две цели чоколади!!!

СДСМ ЗАБРЗАНО СТАНУВА ВМРО

Повеќе пати во своите колумни и по социјални мрежи сум пишувал дека СДСМ забрзано станува/ стана ВМРО на Грујо 2.0 и тоа во неколку фази. Нити Никола Груевски не забега од власт одеднаш туку фазно. Се сложил некој или не периодот на владење 2006та до 2008ма е веројатно еден од најдобрите ако не и најдобар во независна Македонија. ВМРО тогаш не беше пуштена на турбо фолк патриотизам, немаше крупни корупциски афери, не се дрпаше на големо итн.

Малку кој тогаш знаеше дека тоа е стратегија на Грујо за дочепување до апсолутна власт а што се случуваше после сите знаеме. И на СДСМ власта започна со “слух за народот”. Оној јадник Доневски беше експресно сменет во 2017та како директор на Агенција за туризам бидејки патувал со прва класа до Аргентина. Но како времето одминуваше, слухот се намалуваше, ароганцијата и похлепата растеа, а недемократските методи за пресметка со неистомисленици земаа замав.

Во овој дел сум паталец а не гаталец и бев мета на подземна пресметка во која како нарачател се јавуваше гревот Никса а извршител гревот Поликлинико. Како со кармата тоа често бидува, јас сум сеуште на пол позиција и не мрдам, Никса е невработен а Поликлинико стигнав и да го разведувам, при што панично молеше да не доаѓам во судница. Но удбашките методи не застанаа тука туку како времето одминуваше и СДСМ влезе во шестата година од владеењето земаа на интензитет.

ТАЧЕ Е НА ОДЛИЧЕН ПАТ ДА ГО СТИГНЕ ГРУЈО

Криминални тендери, наше дете систем, па зарем децата на политичарите не треба никаде да работат наративи, купени интелектуалци кои ја бранат ДУИ забога, блиски роднини на фунцкионери, синови и сопруги кои место со канабис сега се занимаваат со бизнис со струја иако од тој бизнис знаат само да упалат светло , се само дел од обележјата на режимска власт.

Ни Грујо не ја затвори А1 веднаш, туку откако се разидоа. Никогаш нема да чуете од Борјан Јовановски на пример дека А1 и ДПМНЕ беа во љубов во периодот 2005та-2009та и милиони евра државни пари на име реклами се слеаа во А1. Да е иронијата поголема владините апологети сега не убедуваат дека власта треба да ги корумпира медиумите со државни пари, но бидејки е наводно демократска да не сме се грижеле.

Бељата настана кога Груевски јавно побара да не се верува на одредени медиуми а што следеше во следните година и пол многу добро знаеме. Во таа смила посочените медиуми да бидат особено будни и реактивни ако од нигде никaде на врат им се закаќчат сите можни инспекции да истражуваат наводни криминали, јер Таче е на одличен пат да го стигне Грујо. Никогаш не се знае, ако Грујо се врати, може и да го земат за советник за медиуми на Илинденска бб.

Поврзани новости