Како до департизирана и професионална државна администрација?

by Фокус

На конкурс за слободно место за приправник, па сѐ до државен секретар и генерален директор на јавни претпријатија и фондови, да можат да се јават граѓани, а тие што ќе бидат примени или избрани, а биле членови на некоја политичка партија, мора да го откажат членството во партијата

Пишува: Стојан АНДОВ

Во Уставот и законите треба доволно јасно да се разграничат решенијата за избраните и именуваните функционери. Избраните функционери мора да добиле и непосредна доверба од граѓаните, именуваните функционери треба да бидат професионалци што произлегуваат од системот на напредување во државната администрација.

Тој принцип треба да важи од приправник во администрацијата до државен секретар или директор на јавни претпријатија и фондови. Сите тие службeници во државната управа не може да се членови на политичка партија и политички на кој било начин да не се активни.

Тоа значи да не се членови на партијата, а потоа да не се впуштат во политички разговори и убедувања со граѓаните во јавноста или со своите колеги.

Тука се вклучува и ставот – државен службеник да не смее финансиски да помага политичка партија (да не плаќа членарина и да не дава донации на која било политичка партија).

На личноста за која ќе се утврди дека на кој било начин ги прекршила овие принципи, да ѝ престане работниот однос како државен службеник.

Државен службеник може да членува во Синдикат и во други професионални организации.

На конкурс за слободно место за приправник, па сѐ до државен секретар и генерален директор на јавни претпријатија и фондови, да можат да се јават граѓани, а тие што ќе бидат примени или избрани, а биле членови на некоја политичка партија, мора да го откажат членството во партијата.

ЖЕЛЕЗНА ПРЕГРАТКА“

Државните службеници треба да бидат заштитени од мобинг и секој вид малтретирање во работата, особено ако мотивите за притисоците врз државните службеници се политички мотивирани или по некоја друга основа.

И во едниот и во другиот случај, притисоците врз државен службеник да се сметаат за кривично дело, а ако се политички мотивирани, да се сметаат за кривично дело за кое се изрекува и казна затвор.

Терминот државни службеници подразбира лица што се во државна служба во министерствата, државната администрација, во полицијата, противпожарната служба, финансиската полиција, во армијата, судството, здравството и образованието, царината, јавните претпријатија и фондови и слично.

Со закон треба да се одреди на кои државни функции државните службеници, покрај државјанство на Република Северна Македонија, да не смеат да имаат и државјанство на друга држава и да се определи каде и под кои услови може да биде ангажирано лицето што има и странски државјанство на друга земја.

Државен службеник, како и сите граѓани, има право да се кандидира за пратеник, градоначалник и слично, но со кандидатурата му престанува работниот однос во државна служба.

Овие решенија се потребни за да се ослободи државната управа од „железната прегратка“ од партиите.

Покрај овие решенија, потребно е државниот службеник секоја година да поднесува прецизен извештај за својот имот, финансиските приходи и нивните извори. Ако надлежните органи утврдат некое намерно прикривање промени во имотната состојба на државните службеници, тогаш со судска одлука треба да му се одземе непријавениот имот и да му престане статусот на државен службеник.

ПАРТИСКИ ВОЈНИЦИ

Досега говоревме за избраните функционери (пратеници и министри), а секој, од приправник до државен секретар, на своето работно место се именува врз основа на конкурс.

Службениците од државната администрација добиваат плати од државниот буџет или од придонесите (пр. за здравство итн.), а буџетот се полни со пари од џебовите на сите граѓани, без оглед дали се членови на победничка партија, на опозициска или не се членови на политичка партија.

Таа суштина на финансирањето, државната администрација ја одвојува од политичкиот дел од системот, како што се Владата, министрите и пратениците.

Сегашната состојба многу се разликува од овој систем на државна администрација што овде го предлагам. Ситуацијата, во сегашните услови, на партијата што доаѓа на власт ѝ „дозволува“ во државната администрација да инсталира свои партиски војници.

Меѓутоа, во тој систем настапуваат тешкотии кога доаѓа до смена на власта. Кога партијата што била до тогаш на власт ги изгубила изборите и минала во опозиција, а друга партија-победник, што има силна желба сега, ги има можностите да инсталира свои партиски послушници во составот на државната администрација.

Тоа сега се прави така што кога партијата доаѓа на власт, се согледува состојбата што во постојната државна администрација е особено привлечно како работна позиција, кои функции имаат влијание врз протокот на пари, и државните службеници кои во тој период се на тие функции, се заменуваат со партиски војници на победникот на изборите. И така во недоглед.

Бидејќи, сепак, не можат секого да сменат од државните службеници, поради разни околности, тогаш победникот измислува нови функции во државната администрација на кои им префрла овластувања од веќе постојната државна служба. Таквиот систем доведува до збрка во надлежностите и до енормно зголемување на администрацијата.

Се создава систем во кој при секое доаѓање на власт на друга политичка партија, делумно се заменуваат еден број државни службеници, им се наоѓа некоја мана за да ги избркаат, а делумно, пак, во постојните државни функции се земаат делови, се измислуваат додатни административни единици што ја зголемуваат бројноста на администрацијата, а ја отежнуваат постапката и ја смалуваат ефикасноста во државната служба.

МЕНАЏЕРСКИ ДОГОВОР

Во практиката, некои поитри и особено важни државни службеници, блиски до врвот на политичката власт, измислија засновање работен однос без каква било конкуренција, а со право да заклучат менаџерски договор за време кое далеку го надминува бројот на години што во државната администрација мора да биде подложен на редовна проверка на стручноста и дораснатоста да ја вршат работата.

Иноваторот што ја измисли оваа далавера заслужува „особено признание“ – државниот службеник што треба да ја напушти функција, според договорот, државата му е должна да му исплати големи суми пари, а тој да си седи дома.

Потребно е да се востанови систем на државни испити низ кои ќе напредуваат државните службеници. На секој државен службеник, од приправник нагоре, под услови што ќе ги утврдува испитна комисија, да му се овозможува да напредува до повисоката државна функција во државните служби, доколку има и развива способности што се потребни.

Тука спаѓаат потребното разбирање на повисоките раководители во државните служби кон оние кои допрва треба да напредуваат.

Тие да им овозможуваат да ги развиваат способностите, да се доусовршуваат и тоа да го потврдуваат со стекнување разни сертификати и други докази за нивната способност за зголемен стручен и раководен напредок.

Во вакви случаи треба да се обезбеди строга објективност на органите што ги проценуваат способностите на кандидатите за унапредување во државните служби.

Членовите на тие органи, одредени стручни комисии и други такви органи, не смеат да постапуваат според роднинска и политичка линија, ниту да одлучуваат под какви било влијанија кои не се непосредно поврзани со стручниот напредок на кандидатот.

Треба да постои нешто како посебна државна инспекција, која ќе ги следи работите на тие оценувачки тела и комисии и ќе презема мерки за спречување субјективистички или политички мотивиран однос на кој било член на испитните комисии.

ПРАВИЛНА ЗАСТАПЕНОСТ

Што се однесува до етничката припадност на државните службеници, треба да се води политика на правилна застапеност, но без отстапување од критериумите за стручност.

Нас денес ни се случува висок службеник на државна служба или службеник на висока позиција во државните служби да нема соодветно образование, па дури и да нема образование. Тоа едно време можеше да се толерира. Но, сега веќе не е оправдано.

Тоа може да се толерира и понатаму во случајот на Ромите, бидејќи младите луѓе од ромска етничка припадност сѐ уште недоволно стручно напредуваат и затоа треба посебна грижа на државата таа состојба да се надмине.

Кај другите етникуми, припадници на немнозинските етнички заедници – албанската, турската, српската, Бошњаците, Власите, Евреите и други – сите наведени во преамбулата на Уставот, веќе имаат образовни можности да произведат стручни лица што се дораснати и за најсложените работи во државните служби.

Несреќата во врската со тој дел од кадарот, особено кај Албанците, е во пресилниот притисок на ДУИ за запоседнување на столчињата во државните служби за нивни партиски членови и послушници, било да се од партиското раководство или нивни синови, ќерки и други роднини.

Таа појава предизвикува големи незадоволства, особено во албанската етничка заедница во РС Македонија, бидејки вистинските експерти не можат да дојдат до државна служба со таква политика.

Ова политика на ДУИ е и политика на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, партии кои алтернативно се во власта. Но, ДУИ предничи бидејќи таа партија е во власта и кога е СДСМ на власт и кога е ВМРО ДПМНЕ.

Нашето образование, во сите степени, треба да има примарна важност во образувањето на стручноста на учениците и студентите. Меѓутоа и да придонесува за јакнење на нивната етичка свест и во образованието да се спречат можностите за купување дипломи.

Сега политиката во образованието и во државните служби е премногу партизирана и тоа има катастрофални последици.

Поврзани новости