Светските лидери со остри реакции по американските напади во Иран

by Fokus

По вчерашните американски напади врз цели на иранска територија, светските лидери и дипломатски претставници остро реагираа, предупредувајќи на сериозна ескалација со потенцијално глобални последици.

„Сериозно сум вознемирен од употребата на сила од страна на САД против Иран. Ова е опасна ескалација во регион кој е веќе на работ – и директна закана за меѓународниот мир и безбедност. Постои растечки ризик овој конфликт брзо да излезе од контрола – со катастрофални последици за цивилите, регионот и светот. Ги повикувам земјите-членки да ја деескалираат ситуацијата и да ги почитуваат своите обврски според Повелбата на ОН и другите правила на меѓународното право. Во овој опасен час, од клучно значење е да се избегне спирала на хаос. Нема воено решение. Единствениот пат напред е дипломатијата. Единствената надеж е мирот.“ додаде Антонио Гутереш, Генерален Секретар на ОН.

„Тековните воени дејствија на Блискиот Исток се исклучително загрижувачки и од клучно значење е да се избегне понатамошна ескалација. Нов Зеланд силно ги поддржува напорите за дипломатија. Ги повикуваме сите страни да се вратат на разговорите. Дипломатијата ќе донесе потрајно решение отколку понатамошните воени дејствија.“ вели Министерот за Надворешни работи на Нов Зеланд, Винсон Питерс.

„Јасно ни беше дека нуклеарната и балистичката ракетна програма на Иран претставува закана за меѓународниот мир и безбедност. Ја забележуваме изјавата на претседателот на САД дека сега е време за мир. Безбедносната ситуација во регионот е многу нестабилна. Продолжуваме да повикуваме на деескалација, дијалог и дипломатија.“ изјави портпаролот на Владата на Астралија.

„Министерството итно повикува на дипломатски дијалог за мир меѓу страните вклучени во конфликтот на Блискиот Исток. Во согласност со нашите уставни принципи на надворешна политика и пацифистичкото убедување на нашата земја, го повторуваме нашиот повик за деескалација на тензиите во регионот. Обновувањето на мирен соживот меѓу државите во регионот е највисок приоритет.“ стои во објавата на МНР на Мексико.

„Венецуела ја осудува воената агресија на САД против Иран и бара итно прекинување на непријателствата. Венецуела цврсто и категорично го осудува бомбардирањето извршено од војската на САД, на барање на Државата Израел, врз нуклеарните објекти во Исламска Република Иран, вклучувајќи ги комплексите Фордо, Натанз и Исфахан.“, Иван Гил, Министер за надворешни работи на Венецуела.

На социјалната мрежа Х, се огласи и претседателот на Куба, Мигел Диес-Канел „Остро го осудуваме бомбардирањето на нуклеарните постројки на Иран од страна на САД, тоа претставува опасна ескалација на конфликтот на Блискиот Исток. Агресијата сериозно ја крши Повелбата на ОН и меѓународното право и го турка човештвото во криза со неповратни последици.“

Поврзани новости