Студентите кои ги блокираа правните и медицинските факултети во Србија денеска поднесоа нова кривична пријава против претседателот Александар Вучиќ, за пречекорување на овластувањата кога, во март, во болница во Белград ги посети пациентите повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во придружба на дваесетина новинари, пишува РСЕ.
Потегот на српскиот претседател тогаш предизвика негативни реакции кај дел од тамошната јавност, како и критики дека посетата го зголемила ризикот од компликации кај пациентите со тешки изгореници, во чија близина инаку е забрането движење на луѓе од надвор поради опасноста од инфекции.
Студенти од Ниш минатиот месец веќе поднесоа кривична пријава против Вучиќ поради ова.
„Ова е отворено понижување на здравствениот систем, повреда на телата на пациентите, на Законот за заштита на личните податоци и, најважно, на човечкото достоинство“, рекоа студентите на блокадата пред Првото основно обвинителство во Белград.