Група студенти синоќа останале заглавени на железничката станица во Велес, откако патничкиот воз од Скопје кон Битола, кој тргнал во 20:05 часот, застанал во Велес во 21:50 часот и не продолжил понатаму.
Патниците биле оставени во неизвесност, бидејќи возот чекал композиција од спротивен правец, при што патниците требало да се префрлат од еден воз во друг.
Возот за Богомила близу два часа стоел кај Велес, додека патниците останале без информации што се случува и кога ќе може да продолжи нивното патување. Студенти кои патувале за Велес го контактирале профилот на „Студентарија“ со информации дека чекаат некој да им каже кога возот ќе продолжи.
Возот што тргнал во 20:05 минути од Скопје за Богомила се расипал и во меѓувреме се чекало пристигнувањето на друга локомотива, со која патниците потоа некаде околу 23:30 часот го продолжиле патувањето.
„Македонски железници се претворени во лотарија – не се знае дали ќе стигнеш, дали ќе заглавиш, дали некој ќе те извести, пишува во објавата на „Студентарија“,
Додека редовно се случуваат вакви инциденти, локомотиви кои прегреваат на високи температури, забавуваат при движењето поради руинираните пруги, од македонската Владата најавуваат проект со кој ќе може да се патува со возови кои ќе возат и по 160 километри на час. За овој проект ќе се потрошат над две милијарди евра.