Струмичките пожарникари вчера интервенираа на два големи пожари – во селото Иловица, каде што огнот се приближил на само стотина метри од првите куќи, и во селото Колешино, каде што бил зафатен погон за обработка на картон.
Според информациите на ТППЕ Струмица, пожарот во атарот на Иловица избувнал во периодот меѓу 14 и 15 часот и зафатил поголема површина со сува трева и грмушки.
„Огнот зафати поголема површина со сува трева и грмушки и беснееше околу два до три часа. На терен интервенираше екипа на ТППЕ Струмица со едно навално возило-цистерна и едно теренско возило, а во гаснењето активно се вклучи и месното население со лопати, канистри со вода и земјоделски прскалки“, соопштија пожарникарите.
За пожарот се огласи и градоначалникот на Босилово, Ристо Манчев, кој тврди дека бил намерно предизвикан и дека можел да предизвика катастрофални последици во селото. Според него, благодарение на брзата реакција на граѓаните, противпожарната служба и МВР, огнот бил изгаснат.
„Местото каде е подметнат пожарот е утврдено, гранките се сечени со секира, најдена е запалка. Многу докази за намерно предизвикување на пожар“, објави Манчев.
Пожарот бил успешно локализиран, а во гаснењето помогнал и дождот што вчера попладне го зафатил струмичкиот регион.
Неколку часа подоцна, околу 17:30 часот, пожар избувнал и во погон за обработка на картон во селото Колешино.
„На терен беа ангажирани пет противпожарни возила и 14 пожарникари, кои со брза и координирана интервенција успешно го ставија пожарот под контрола и го локализираа. На терен е оставено дежурно противпожарно возило со пожарникари-спасители“, информираа од ТППЕ Струмица.