Пратеникот од редовите на ЗНАМ, Даниел Стојчевски, на денешната прес-конференција обвини дека СДСМ и Венко Филипче се обидуваат преку политичка реторика да ја променат перцепцијата на јавноста за случајот со поранешниот премиер Никола Груевски. Стојчевски оцени дека реториката на СДСМ и на Венко Филипче претставува обид за „бришење на колективното паметење“ и наметнување на „удобна вистина“, нагласувајќи дека ЗНАМ нема да дозволи злоупотреба на правдата за дневнополитички цели.
Тој постави низа прашања до СДСМ, меѓу кои и дали е точно дека во периодот пред парламентарните избори во 2024 година се одржала средба во вилата на Водно, на која се разговарало за можноста за враќање на Груевски во земјата во замена за амнестија.
Исто така, праша дали Венко Филипче, како што наведе, има информации за тие наводни договори, и дали за тоа знаат и поранешни функционери како Бојан Маричиќ и Оливер Спасовски, како и поранешните коалициски партнери на СДСМ – Али Ахмети, Артан Груби и Бујар Османи.
Стојчевски го спомена и поранешниот претседател Стево Пендаровски, прашувајќи дали тој има сознанија за овие процеси.
Во обвинувањата, тој праша и дали од Будимпешта до Бихаќка бил испратен УСБ-уред со измени на Кривичниот законик, конкретно член 353, со кои, според него, се овозможила амнестија за одредени кривични дела.
Дополнително, Стојчевски праша дали било точно дека постоел план Груевски да формира нова политичка партија во замена за амнестија и одземање гласови од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој оцени дека СДСМ функционира со „повеќе центри на влијание“ и дека граѓаните имаат право да ја знаат вистината, обвинувајќи ја партијата за политичко лицемерие и поткопување на правната држава.
„И токму тој систем СДСМ го урна, а денес се обидува да глуми дека го гради. Затоа, наместо декларативни повици, потребна е искреност, одговорност и политичка храброст да се признае сопствената улога. Движењето ЗНАМ ќе продолжи да се бори за вистинска правна држава, држава во која нема недопирливи, нема привилегирани и нема заштитени. Држава во која правдата не доаѓа по нарачка, туку по закон“, вели Стојчевски.