Стојанче Ангелов: Сител не сакаше да демантира, а Илија Митров од ВМРО – ДПМНЕ ми призна дека писмата се лажни

by fokus

архива

Текстот е објавен на 17-ти јуни 2011-та во неделникот „Фокус“ во бројот 833

Разговарала:
Јадранка КОСТОВА

 

ФОКУС Еден од мизерните проекти, кој беше „Остварен“ од штабот на ВМРО-ДПМНЕ непосредно пред изборниот молк, беа лажните писма што наводно сте ги напишале еден против друг, Вие и Љубе Бошкоски?

АНГЕЛОВ Јас бев на пат низ источна Македонија, кога ми јавија дека на телевизија Сител, стручњакот Павловиќ Латас чита некакви писма од мене и од Љубе. Со оглед на тоа што јас немав напишано такво писмо, се јавив во штабот кај Бошкоски и тие ми потврдија дека и Љубе не е автор на такво писмо.

Веднаш се јавив во ТВ Сител, од каде што на вулгарен начин, кога се претставив: Овде е генерал Стојанче Ангелов, претседател на Достоинство, од таму машки глас ми одговори со потсмев: А овде е генерал Горан Стојков. Ќе посветам неколку години од животот за да го најдам тој дечко и во живо да се запознаеме!

ФОКУС Се јавивте во Сител за да ги демантирате писмата?

АНГЕЛОВ Барав да ме поврзат со Латас, за да можам веднаш да ја демантирам веста, но тие не сакаа. После тоа се јавував уште неколку пати, но не сакаа да демантираат. Едноставно, останавме без демант. А целиот процес започна во четвртокот кога паралелно имавме митинзи во Штип, ОМ и Достоинство.

Вечерта ми се јавија неколку новинари, да ме прашаат за тепачката меѓу приврзаниците на Достоинство и ОМ. А немаше никаква тепачка, тоа беше безобразна измислица. Но, лагата продолжи да се објавува, па, наредниот ден на Сител, и тоа го искористија како повод, наводно тоа што се истепале Достоинство и ОМ, дека ме испровоцирало мене за да му напишам писмо на Љубе, а тој веднаш ми одговорил со отворено писмо!!!

ЛЕТОЦИТЕ ГИ ДИСТРИБУИРАА НАД 200 ЛУЃЕ

ФОКУС Кој прв ја објавува оваа измислена приказна?

АНГЕЛОВ Прв ја објави интернет сајтот Курир, од каде што наводно веста ја превземаа Сител и Канал 5, провладините медиуми. Против сите нив подготвуваме кривична пријава и ќе тераме до крај по секоја цена!

ФОКУС Вашите измислени писма всушност биле растурани како летоци?

АНГЕЛОВ Ноќта помеѓу петокот и саботата, кога започна изборниот молк, источна Македонија буквално беше преплавена со летоци кои што го имаа наводното мое и писмото од Бошковски, во кое има многу гадотии, долни работи. По моја проценка, биле печатени неколку стотици илјади вакви летоци. Само во Штип, буквално на бришачите на секое возило, имаа ставено вакви писма. И покрај тоа, писма имаше во секој двор, во секоја зграда, во секое сандаче. Имаше фрлано и на улица, по ресторани, буквално низ цела источна Македонија!

ФОКУС Дали јавивте во полиција?

АНГЕЛОВ Пријавиме уште истата ноќ, околу 1 часот по полноќ во СВР Штип. Запишано е во книгата за дневни настани како кршење на изборниот молк. Ние ги знаме некои од лицата кои ги расфрлаа летоците, но не сакавме да се пресметуваме со нив, бидејќи ќе се направеше поголема штета.

ФОКУС Се сомневаш дека овој проект, многу сличен на „Бугарските летоци“ на изборите 1990, е дело на штабот на ВМРО-ДПМНЕ?

АНГЕЛОВ Да, Илија Митров од аналитичкиот центар на ВМРО-ДПМНЕ од Штип ми го призна тоа. Кога го прашав – зошто, тој кажа: „Генерале, од ова Вие ќе имате корист, Љубе ќе има штета, бидејќи писмото на Љубе е напишано пониско“. Демек, тие намерно го направиле тоа, за Љубе да излезе повалкан од мене. Прво се чудев на дрскоста и ароганцијата на тоа момче, со кое ќе поразговарам во наредниот период. Тие воопшто не негираа дека се направени писмата од нив и дека се дистрибуирани од нив. Во дистрибуцијата учествуваа повеќе од 200 луѓе, бидејќи писма имаше и во други градови!

ФОКУС Каде биле печатени овие летоци?

АНГЕЛОВ Нашите информации зборуваат дека се печатени во печатницата Европа 92 во Кочани. Летоците се испечатени на мазна хартија, не се правени на фотокопир, а сето ова е подготвувано со денови однапред, можеби уште и пред да започне кампањата. Се гледа дека е добро подготвено и дека е искористен моментот на предизборен молк, кога ние не можеме да возвратиме.

ФОКУС Тоа покажува дека оваа власт од утре е подготвена на сѐ?

АНГЕЛОВ Ќе ве поправам. Оваа власт од утре нема да биде подготвена на сѐ, таа одамна е подготвена на сѐ. Ние сме сведоци со години дека е подготвена на сѐ!

ГЕНЕРАЛОТ ГОРАН СТОЈКОВ Е ОБИЧЕН ЛАЖГО!

ФОКУС Сте се обратиле ли кај сопственикот на печатницата Европа 92, Ратко Димитровски, кој е и градоначалник на Кочани, заради вашите сомнежи дека лажните писма биле стокмени таму?

АНГЕЛОВ Не, а и немам намера да му се обратам. Јас за него имав позитивно мислење, како пријател, но, најверојатно сум се лажел. Тој, како градоначалник на Кочани, како сопственик на печатница, верувам дека има милионски капитал, но падна на најниско ниво, да зборува со двајца активисти на Достоинство од едно кочанско село, за да ги разубеди да не гласаат за нас. Не сакам да зборувам за таков човек, тој нема достоинство!

ФОКУС Разјаснете ми ја улогата на генералот Горан Стојков, кој агитираше за ВМРО-ДПМНЕ, иако 5 години Груевски не само што не го прифати законот кој што го нудевте, туку бранителите ја враќаа оштетата што судот им ја доделил?

АНГЕЛОВ Една од варијантите е дека е купен, а другата е дека е уценуван со кривичните пријави. Против него има кривична пријава за 1 милион евра муниција, која беше платена, а муницијата наводно не е донесена. Судскиот процес уште не е завршен, па можно е да е со тоа уценет.

Конкретно кај Стојков, може да е во игра и лакомоста за некоја функција, бидејќи човекот дојде на маргините на општеството и веќе никој не го есапи. Но, против Стојков ние исто така ќе поднесеме кривична пријава. Човекот е обичен лажго, кој највулгарно лаже, гледајќи во камера. Тој никогаш не бил член на Достоинство, во ниту еден момент.

Го формиравме здружението во 2006 година, а во декември  2007 година, една година по формирањето, го имавме првото Генерално собрание, како поголем собир на бранителите, во домот на АРМ. Меѓу другото, таму поканивме повеќе гости, а Стојков беше еден од нив.

Но, тој ја извртува тезата, како спин мајстор на ДПМНЕ, дека наводно ние тогаш сме го формирале Достоинство, дека сме се договориле да не се меша политиката… Значи, глупост до глупост, целосни невистини. Тие знаат дека тоа на суд ќе падне, но, еве, и мојата тужба против Јанкуловска никако да биде процесуирана, иако помина повеќе од половина година!

ФОКУС Каква тужба, за клевета?

АНГЕЛОВ Излажа дека против мене има правосилна пресуда во периодот кога ме напаѓаа, кога бев нивна мета. Сѐ што ќе покрене власта, оди со брзина на светлината, а тужбите против припадници на власта, се држат во фиока!!!

КОЈ Е СЛЕДНИОТ ПОСЛЕ ЉУБЕ?

ФОКУС Дали власта успеа само со вакви подметнувања да ви ги земе гласовите или има уште некои други малверзации на денот на гласањето?

АНГЕЛОВ Имаше невидени притисоци. Нашите најагилни членови и активисти беа подложни на притисоци, на влијанија, бидејќи се вработени во полицијата и во армијата. Јас сум згрозен од методите што ги користеше власта.

Заменикот министер за одбрана ги викаше професионалните војници еден по еден. Замислете го нивото, кога заменик-министерот ги вика професионалните војници еден по еден, да ги убедува и да им се заканува да не бидат активисти на Достоинство, па сигурно најдоа начин да ги контролираат за кого ќе гласаат.

Има неколку верзии, сега е рано да зборувам, но јас сум убеден дека тие најдоа начин како да ги контролираат оние што ветија дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. Внесоа страв меѓу гласачите, дека на сите избирачки места се инсталирани скриени камери. Знаете дека кај нас постои параноја дека сите се снимани, следени, а веќе не знам и колку е тоа параноја или вистина, после она признание за Љубе Бошкоски!

ФОКУС Презеде ли власта одмазнички мерки кон непослушните?

АНГЕЛОВ Вработените од полицијата, тројца од Кратово, од посебната единица, ги исклучија. Командирот, наш активост од сообраќајната полиција од Кавадарци, неколку недели пред изборите го сменија. Во Штип и во други градови, едноставно ни се закануваа дека ќе ги испратат на работа во други градови.

Еден од нашите постари членови, постар водник од штипската касарна, му кажаа дека ќе биде пратен во Кичево, ако веднаш не прекине со активностите во Достоинство. На наши активисти од едно кочанско село не им одобрија ин витро, само заради тоа што мажот беше активист кај нас, но им беше непријатно да зборуваат јавно за својата мака. Ова е втор случај на уцени со ин витро.

Луѓето се премногу горди, тие се од село и знаете каков е менталитетот таму. Им го укинаа правото, иако ги исполнуваат сите критериуми, но им нафрлиле дека се одбиени заради тоа што се активисти на Достоинство!

ФОКУС Не минаа ни 24 часа од изборите, следуваше спектакуларно апсење на Љубе Бошковски пред синот!

АНГЕЛОВ Како поранешен заменик-командат на Тигрите, јас сум учествувал во многу такви апсења, но тогаш не ги снимаше телевизија. Сител прв дознава, уште пред да дознае уапсениот, тоа сите го знаеме. Таква сила и таков метод се применува кога се апси опасно лице, за кое се претпоставува дека може да пружи вооружен отпор.

Љубе Бошкоски е политичар и не знам дека знае карате, кик бокс или некоја друга вештина. Начинот на кој го уапсија, буткањето на земја, влечкањето, цело време го потпираа на подвижниот тоалет, а тоа не верувам дека е случајно, бидејќи е направено така за да ги исплашат останатите кои гледаат, а Љубе да ги исмејат и да го понижат. Сметам дека со тоа направија контра-ефект, бидејќи ова вака не може да продолжи до недоглед. Сега ние треба да си поставиме прашање: Кој е следниот?

ФОКУС Дали се запрашавте, дека можеби и Вие сте биле следен?

АНГЕЛОВ Па, за мене уште пред повеќе од половина година го вклучија одделот за организиран криминал за наводни лажни боледувања, а тогаш министерката сама се истрча на телевизија и кажа дека ми се заканува казна затвор поголема од 5 години. Тоа го кажа, бидејќи, доколку се заканува казна поголема од 5 години, може да се користат специјални истражни мерки. Јас верувам дека од тогаш до денес ги користат тие мерки. Кај нас стана вообичаено, сите луѓе кои што се поважни да бидат снимани и следени, но мене тоа нема да ме исплаши!

Поврзани новости