„Мадам Тисо” ќе заштедеше милиони фунти, ако мадам Канческа им набавуваше восочни фигури!

by Владо Апостолов 11:00
11:00

arhivaТекстот е објавен на 2. март 2012 во 870 број на неделникот „Фокус“

Музејот на ВМРО наскоро ќе се збогати со уште 43 восочни фигури, и на тој начин ќе се заокружи бројката од дури 150 историски ликови, чии скаменети реплики ќе бидат изложени пред македонската публика. Тоа што е интересно е дека меѓу новите ликови кои ќе бидат поставени во музејот, ќе има и странци, кои на овој или на оној начин, направиле нешто добро за државава. И покрај сите контроверзи што го следеа овој музеј, како дел од проектот „Скопје 2014″, сепак, секојдневно голем број граѓани се заинтересирани да ги видат во восочна варијанта и Гоце Делчев и Јане Сандански и многу други. Но, покрај интересот на граѓаните, за восочните фигури се заинтересирал и државниот ревизор и своите наводи пред некој месец ги објави на својот сајт. Разгледувањето на овие документи е посебно интересно, бидејќи опозицијата, а и дел од јавноста, ова Министерство го доживуваат како еден од моторите на владината пералница на пари, од проектот за ново и постаро Скопје. А сомнежите дополнително се зголемија откако изби аферата наречена „Патриотска метла”, која го тресеше токму кабинетот на тазе докторантката Елизабета Канческа-Милевска.

БРИТАНЦИТЕ И РУСИТЕ БИЛЕ ПРЕСКАПИ

- Advertising -

Ако ги читате наодите што ги објави Државниот ревизор, заедно со одговорите на Министерството за култура, ќе сфатите дека набавката на восочните фигури воопшто не одела мазно. Па, така, во 2007 година, било решено да се набават 40 восочни фигури и да бидат поставени во пет сцени низ Музејот на ВМРО, чиј официјален назив можеби е најдолг во светот, кога станува збор за ваква институција. Нејсе, таа година Министерството двапати распишало меѓународни тендери за изработка на восочни фигури. И во двата случаи никој не бил заинтересиран. Виделе – не виделе, одговорните во ресорот решиле самите да прошетаат низ светот и да најдат фирма која ќе ги овековечи во восок нашите историски херои. Првата адреса на која тропнал тогашниот министер Арификмет Џемаили била, ни помалку ни повеќе, ами во Лондон, кај најпознатиот музеј на восочни фигури во светот, „Мадам Тисо”. Од овој реномиран музеј му објасниле дека не работат комерцијално и оти уметниците што ги изработуваат восочните фигури за „Мадам Тисо” тоа го прават на ексклузивна основа. Сѐ било во функција да се задржи реномето и квалитетот на брендот „Мадам Тисо”, но, сепак, во преговорите, соопштиле одредена сума, која апсолутно не била прифатлива за македонската страна. Побарале околу 88.000 фунти, или нешто околу 104.000 евра, а цената на овие уметнички дела денес е уште повисока. Последната восочна фигура, на шампионот во формула 1, Луис Хамилтон, која е скоро поставена во Лондон, чинела преку 150.000 евра! Откако нашата делегација не успеала да се договори со Англичаните, стапила во контакт со музеите за восочни фигури во Санкт Петербург, Москва и Прага. Чесите, откако ја виделе понудата на нашата влада, не биле заинтересирани за соработка, додека Русите од Москва испратиле далеку поевтина понуда од онаа на „Мадам Тисо”, но ни таа не била прифатлива за Министерството. Имено, кабинетот, во кој Канческа-Милевска беше државен секретар, пресметал дека ако една фигура чини 48.500 евра, вредноста на целиот проект, заедно со транспортот на восочните ликови, сериозно ќе се доближи до цифрата од 2 милиони евра!

НОВИТЕ ФИГУРИ ЗА ПОЛОВИНА ЦЕНА ПОСКАПИ

Следната адреса на Министерството за култура бил украинскиот Музеј на восочни фигури, чиј директор бил личен пријател на Јовица Ѓуричиќ, косопственикот на македонската фирма за трговија со оружје „Специјална опрема – Скопје”. Ѓуричиќ, инаку, е почесен конзул на Украина во Македонија! Тој, во соработка со музејот од Киев, понудил цена од околу 10.000 евра за една восочна фигура, цена која била веднаш прифатена од Култура. Со оглед дека имало два пропаднати тендери, веќе бил задоволен условот овој договор да биде постигнат во четири очи. По една година, тимот составен од историчари, задолжени за хронолошко преставување на минатото на Македонија, предложиле музејот да се дополни со нови ликови. Значи, како што објаснува Министерството, овој пат историчарите, а не владата, решиле постановката да се збогати за 65 восочни фигури. Овојпат бил распишан тендер, на кој повторно работата ја добила фирмата „Специјална опрема – Скопје”. Но, она што забележува Државниот ревизор, е дека компанијата во втората набавка ги наплатила восочните фигури дури за 53 отсто повеќе, или што би се рекло, за половина поскапо! Директорот на оваа фирма вели дека по првата набавка на 40 фигури, неговата фирма буквално била во загуба, бидејќи на крајот испаднало дека една фигура чини нешто повеќе од 13.000 евра, а не околу 10.000, како што на почетокот процениле. – Ако немаше втор тендер, ние ќе останевме во загуба, па така, со новата набавка ја надоместивме штетата – вели Ѓуричиќ и објаснува дека во меѓувреме, пораснала цената и на природниот восок и на бензинот и затоа цената на втората тура фигури била некаде околу 15.000 евра по парче. Според него и вредноста на поскапите фигури е далеку под онаа која ја нуделе европските музеи. – Ниската цена ја постигнавме со тоа што сами се организиравме. Ние го најдовме тимот од седум уметници кои ги правеа фигурите и ние ја набавуваме гардеробата за восочните ликови. Не постоеше некоја фирма која произведува восочни фигури и ние само да ги набавиме од нив, туку моравме целиот процес на изработка да го организираме и да го водиме – објаснува Ѓуричиќ и уверува дека квалитетот на фигурите кои денес стојат во музејот крај Вардар е идентичен со квалитетот на оние во лондонскиот „Мадам Тисо”. Не само што квалитетот на фигурите бил ист, туку според овој бизнисмен, Украинците побрзо ги правеле фигурите отколку уметниците во „Мадам Тисо”, па така ако во Лондон еден восочен лик се правел за шест месеци, нашите фигури прво се произведувале со темпо од две во месецот, за на крај тоа да се забрза со четири фигури за триесетина дена. Откако во вториот тендер не биле изработени сите фигури што биле планирани, имало и нова набавка, при која восочните ликови чинеле уште малку поскапо, и тоа околу 16.000 евра. „Специјална опрема” се јавиле и на новиот тендер за дополнителните 43 восочни фигури, и, како што стојат работите, најверојатно оваа фирма и нив ќе ги набавува! „Специјална опрема” е скопска компанија која главно се занимава со трговија на оружје, бизнис за кој Ѓуричиќ вели дека, иако секогаш асоцира на криминал, е една од најконтролираните трговии во светот. Овој скопјанец, со неговиот партнер, соработувале и со украинската фабрика за автобуси „ЛАЗ”, но откако тие го добиле тендерот за градските автобуси, пропаднале идеите за воведување на тролејбуси во Скопје и за фабрика за автобуси во една од слободните економски зони во државава.

ВОНЗЕМЈАНСКИ МУЗЕЈ ОД 12 МИЛИОНИ ЕВРА

За начинот на кој се гради музејот крај Вардар, минатата година преку страниците на „Фокус” реагираше Анатолиј Гајдамака, еден од поранешните украински советници на министерката Канческа-Милевска. Тој, во интервју за нашиот весник, рече дека зградата во која сега е сместен музејот му личи како да го градела некоја вонземјанска цивилизација. – Некако сѐ уште е возможно таа зграда да се прилагоди за музеј. Но, тоа апсолутно не е музеј. Тоа не се простории за таква установа. Ми ги испратија цртежите на зградата, ги погледнав – има три ката, а третиот е поврзан со вториот. Тој објект би бил добар за резиденција или за палата – анализираше Гајдамака минатата година. Тој реагираше и за бројот на сликите со масовни сцени, што ги красат ѕидовите на новиот музеј. – Тоа е огромна работа, но никој во Македонија не го разбира тоа. Тие мислат дека диорамата е само слика. Второ, тие немаат ниту доволно простор за да ги закачат сите овие слики. Ќе им бидат потребни четири музеи покрај реката, за да ги сместат сите овие слики, но, сепак, ги купуваат – се чудеше украинскиот уметник. Според анализите на медиумите, музејот, кој е дел од „Скопје 2014″, чини околу 12 милиони евра, од кои нешто повеќе од 5 милиони евра чини изградбата на објектот!

Уметност е да се потрефи
И ВОСОЧНИТЕ ФИГУРИ ИМАЛЕ КАРАКТЕР

Јовица Ѓуричиќ од фирмата „Специјална опрема”, која ги донесе восочните фигури во Скопје, вели дека кога уметниците ги изработувале ликовите, многу се внимавало на цртите на лицето, но и на карактерот на човекот кој требало да биде претставен. – Се интересиравме што работеле и какви биле историските ликови, бидејќи можете на некој да му ги погодите цртите на лицето, ама да му го промашите карактерот. На пример, ако некој бил строг во изразот, не можете да го направите со насмевка, тоа целосно ја менува претставата за човекот – вели Ѓуричиќ.

Се случува
ЗБУНЕТИ КУЛТУРЊАЦИ

Министерството за култура писмено им одговорило на ревизорите во врска со нивните забелешки во наодите, при што во делот кај набавката на восочните фигури, направиле една симпатична збрка од ставови. Прво напишале дека не е точно оти втората тура фигури е за 53 отсто поскапа, а потоа на долго и на широко објаснувале зошто дополнителните фигури имале толку поголема цена!!! 1

Поврзани новости