Лична средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп е прашање на време и неизбежна, но „времето за тоа сè уште не е дојдено“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Британскиот Тајмс објави дека е можно трилатерална средба меѓу Путин, Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг да се одржи во септември, за време на воената парада во Пекинг по повод 80-годишнината од победата над империјална Јапонија.
Путин веќе го потврдил своето присуство на настанот, но од Кремљ велат дека досега нема официјална информација за планирана средба со останатите двајца лидери.
Во извадок од интервју со рускиот новинар Павел Зарубин, Песков истакна дека средба меѓу Путин и Трамп ќе се случи „со текот на времето“ и дека ќе биде неопходна.
-Таква средба е можна и сигурно ќе се случи. Таа може да биде потребна за да се потпишат важни договори што претходно ќе бидат усогласени по напорна дипломатска работа. Но, тоа време сè уште не е дојдено – рече Песков.
Во изминатите месеци, Путин и Трамп неколку пати разговарале по телефон, главно за ситуацијата во Украина. Трамп неодамна изјави дека е „разочаран“ и „незадоволен“ од однесувањето на рускиот претседател. Коментарите на Трамп, според Песков, не се изненадување.
-Сите веќе се навикнаа на неговата острина и директна реторика. Во исто време, тој постојано нагласува дека сака да помогне во изнаоѓање мирно решение меѓу Русија и Украина – рече Песков.
Тој додаде дека и Путин останува отворен за дијалог.