Со ексхумација и психијатриско вештачење продолжува истрагата за убиствата во Старо Нагоричане

by irena 20:01
20:01

Продолжува истрагата за убиствата во Старо Нагоричане, при што се врши ексхумација на уште една повозрасна жена за која постојат сомненија дека можеби е жртва на 25-годишникот од Драгоманце. Како и во првиот случај, и таа претходно била закопана како лице починато од ненасилна смрт.

По наредба на судија на претходна постапка, осомничениот Т.Б. е спроведен во ЈЗУ Универзитетска Клиника за Психијатрија за психијатриско вештачење. По завршување на проценката, тој ќе биде вратен во КПУ Затвор Куманово каде му е определена мерка притвор.

Во моментов истрагата се води за две убиства, но постои можност таа да се прошири и до една година наназад. Мотивите за убиствата сè уште не се утврдени.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, одби да коментира детали за случајот, посочувајќи дека предметот е во надлежност на Обвинителството. На прашањето дали ќе се испитува евентуално непостапување на полициски службеници, тој потврди дека ќе има проверка.

Обвинителството дополнително истражува дали осомничениот делувал сам или имал помош, како и дали институциите соодветно постапувале по претходните пријави. Лицето ѝ било познато на полицијата по пријави за тешки кражби, а при претрес во неговиот дом биле пронајдени дел од украдените предмети.

Надлежните институции апелираат до јавноста за смиреност и трпение, со уверување дека случајот ќе биде целосно расчистен.

Слични вести