Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто денеска од Скопје порача дека Европската Унија јавно кажува дека го поддржува проширувањето кон Западен Балкан, но зад затворени врати на состаноците на 27-те земји-членки, државите кои го поддржуваат проширувањето се малцинство. Тој нагласи дека доколку се искрени во намерата дека сакаат да влеземе во Унијата, не би чекале 20 години на полноправно членство.
Бугарија навистина отворено ги попречува вашите настојувања за интеграција, но вие не чекате заради тоа 20 години во редот, заради тоа што Бугарите се спротивставуваат. Не лутете се, но морам да кажам дека ситуацијата во врска со тоа е многу потешка. Во овој момент оние државите-членки во ЕУ коишто го поддржуваат проширувањето кон Западен Балкан се малцинство, изјави Сијарто на заедничката прес-конференција со неговиот македонски колега Тимчо Муцунски.
Сијарто потенцира дека за време на унгарското претседавање со ЕУ вложиле силни напори да се забрза процесот на зачленување на Западен Балкан во ЕУ, но постојано налетувале на ѕидови и тоа, како што рече, „тие ѕидови се градени, вусшност, од оние држави кои отворено го поддржуваат целиот овој процес“.
Ние искрено го поддржуваме Западен Балкан, и затоа сме во малцинство во ЕУ затоа што не треба да се залажуваме дека поголем дел од државите-членки кога доаѓаат кај вас, вака јавно Ви зборуваат со убави зборови колку многу го поддржуваат зачленувањето на Македонија во Еврпската Унија. Но кога остануваме сами зад затворени врати, ние 27 земји-членки, тогаш мнозинството веднаш почнува да зборува за тоа зошто не би можела ЕУ да се проширува кон Западен Балкан. Но нормално и во иднина тоа ќе го демантираат и во иднина ќе зборуваат многу убаво, но доколку сериозно мислат, не мислите ли дека 20 години треба да се чека на зачленувањето?, истакна Сијарто.
Вели дека во моментот живееме во време на опасности, бидејќи во Европа или околу Европа се случуваат тешки вооружени конфликти и сите овие предизвици воедно ја зголемуваат потребата од проширување на ЕУ во правец на Западен Балкан и Источна Европа.
Сигурни сме во тоа дека проширувањето на ЕУ во насока на Западен Балкан на повеќе начини придонесува и за самата ЕУ, бидејќи и самата Унија ќе профитира многу и во однос на безбедноста и во однос на економијата. И затоа сме разочарани што Брисел и западноевропските држави постојано ни поставуваат пречки пред прифаќањето на Западен Балкан во ЕУ. Искрено можам да кажам дека западно-европските држави кога зборуваат за проширувањето ве мамат, бидејќи веќе некои од овие држави од регионот чекаат на прием повеќе од 15 години, кажа Сијарто.