Шведскиот премиер Кристерсон поднесе оставка по поразот на изборите

by irena 15:48
15:48

Шведскиот премиер Улф Кристерсон денеска поднесе оставка на функцијата, откако официјалните резултати покажаа дека неговиот конзервативен блок загубил на парламентарните избори одржани во неделата (13 септември) пренесе „Гардијан“.

Конечните резултати, објавени денеска, покажуваат дека левичарската коалиција, предводена од Социјалдемократите на поранешната премиерка на земјата, Магдалена Андерсон, е победник на изборите со предност пред конзервативците од само 50 359 гласа.

Со тоа, левоориентираниот блок во новиот состав на Риксдагот (шведскиот парламент) ќе има 176 пратеници, наспроти 173 места колку што обезбедува блокот „Тидо“ на актуелниот премиер Кристерсон, на кој по изборите се очекуваше да му се приклучи екстремнодесничарката партија Шведски демократи.

Во писмо објавено на социјалната платформа Икс, Кристерсон вели дека тесните изборни резултати, придружени со спротивставените ставови на различните партии „можеби ги искомплицирале условите за формирање на новата влада“.

„Сега ќе биде потребна конструктивна отвореност од партиите во парламентот за да се избере премиер и за новата влада да може да добие поддршка за државниот буџет. Ќе треба да се водат разговори со сите партии за да се најдат начини за надминување на овие застои и за создавање услови за стабилна и ефикасна влада. Претседателот на парламентот е тој што ќе ги води следните чекори кон формирање нова влада. За тоа да може за започне веднаш, барам да бидам ослободен од должноста премиер“, се наведува во изјавата на Кристерсон.

Слични вести