Денеска се навршуваат точно шест месеци од трагедијата во дискотеката „Пулс” во Кочани, во која животот го загубија 62 млади лица.
По тој повод родителите на починатите организираат „Марш за Ангелите”.
Маршот ќе започне во 15:35 часот од „Паркот на Револуцијата“ и ќе се одвива по веќе востановената маршрута – општинска зграда, УЈП, полиција, кочанскиот суд и обвинителство, а ќе заврши повторно во „Паркот на Револуцијата“.
Повеќе студентски движења организираат мирен собир и во Скопје, во 20:16 часот на плоштадот „Македонија“.
Во саботата на градските гробишта во Кочани се одржа шестмесечен помен за загинатите во дискотеката Пулс, но и на другите места каде што се погребани жртвите на страшниот пожар што се случи на 16 март годинава.
Кочани живее со последиците од овој трагичен настан.
Но, за сите засегнати во овој случај, и за граѓаните на општината и околината, траума и болка им предизвикува неизвесноста околу почетокот на судењето.