Во Кривичен суд продолжува случајот „Онкологија 2“ против Нино Васев и Нехад Нухи

by irena 08:09
08:09

Случајот „Онкологија 2“ за несовесно работење и финансиски криминал против поранешниот медицински и економски директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, Нино Васев и Нехад Нухи, треба да продолжи денеска во Основниот кривичен суд во Скопје со сослушување на сведоци предложени од Обвинителството

Обвинителката Ана Гоговска Јакимовска, во воведен говор на минатото рочиште рече дека поранешните медицински и економски директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев и Нехад Нухи, не постапувале во интерес на јавната установа и на пациентите, туку во свој личен интерес и во интерес на приватни компании, и со своите дејствија ја злоупотребиле и поткопале довербата во здравствениот систем и јавниот интерес.

Гоговска Јакимовска, пред Судот, нагласи дека Клиниката за онкологија е специјализирана за третман на најтешките пациенти со малигни болести каде обвинетите не ги прикажувале реалните медицински потреби и не ја следеле процедурата за јавни набавки под изговор дека постапувале во интерес на пациентите на кој начин ги извршувале кривичните дела.

-Обвинителството ќе докаже дека со незаконски јавни набавки на лекови, без согласност на ФЗО и со злоупотреба на службената положба обвинетите предизвикале штета на Буџетот од над 2,2 милијарди денари. Со злоупотреба на системот на реверси, без правна основа довеле во заблуда државни институции и овозможиле противправна корист за повеќе фармацевтски компании. На тој начин ФЗО бил доведен во заблуда дека се работи за законски обврски, изјави Гоговска Јакимовска.

Обвинетите Васев и Нухи на минатото рочиште негираа вина за делата кои им се ставаат на товар. Одбраната, тврди дека обвинението против нив е неосновано и политички монтирано врз основа на економско вештачење од лица кои се исто инкриминирани, наведувајќи дека станува збор за претходниот медицински и економски директор на Клиниката кои биле сменети од Васев.

Слични вести