Поранешната „Македонија пат“, односно по ново Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, е државна компанија задолжена за одржување на патната мрежа во Македонија. И покрај тоа што располага со повеќе од 700 вработени, претпријатието со години работи со загуби – дел поради нерентабилност, дел поради натрупување кадар, за кој годишно се трошат околу 8 милиони евра само за плати. Сепак, институцијата склучила договор со приватна компанија, која ќе наплати 2,3 милиони евра за кастрење дрвја и косење трева долж коловозите.
Пишува: Орце КОСТОВ
„На криминалот на ДУИ и СДС нема крај, испумпани нови 2,4 милиони евра, за косење трева и сечење дрвја“, обвини во 2023 година, тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ во соопштение, во кое го прозваа тогашниот директор на ЈП Државни патишта, Ејуп Рустеми, зашто склучил договор за тендер со фирма од Кичево за косење трева, кастрење гранки и сечење дрвја во патен појас, и тоа во вредност од 2,4 милиони евра.
„Во исто време, кога нема пари за учебници, кога нема пари за лекови, кога народот осиромашува од рекордната инфлација, „магично“ се наоѓаат пари за косење трева и сечење дрвја, во износ од над 2 милиони евра, а притоа власта нема направено ни еден километар автопат во државата“, соопшти тогаш од ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи го ЈПДП дека поради бизнис-интереси ја соголува Македонија.
Цената што државата во 2023 година ја плати за одржување на автопатиштата беше речиси иста колку загубите на „Македонија пат“ за 2022 година.
Две години подоцна, на актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ не ѝ пречи што граѓаните повторно ќе платат над два милиони евра за косење трева и сечење гранки по патиштата во Македонија, ниту, пак, што тоа ќе го прави ангажирана фирма, однадвор, наместо да се користат внатрешните ресурси на претпријатието „Македонија пат“.
Поранешната „Македонија пат“ или по ново Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, исто така, е државна фирма, која се грижи за одржување на магистралните и регионалните патишта во Македонија, но која постојано работи со загуби, што поради нерентабилност, што поради трупање вработени, за кои годишно се трошат 8 милиони евра само за плати.
Сепак, државната компанија направи договор за јавна набавка со приватна компанија вреден 2,3 милиони евра.
На веб-страницата за јавни набавки е објавен договорот на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта познато како „Македонија пат“ и компанијата ГРИН ТИМ од Битола.
Предмет на набавката е косење трева, кастрење гранки и сечење дрвја во времетраење од две години. Вредноста на рамковната спогодба е 143.960.000 денари или нешто повеќе од 2,3 милиони евра.
НАЈНИСКА ЦЕНА
Во јавниот повик за учество на тендер објавен од „Македонија пат“ беше наведено дека компанијата треба да исполнува прилично многу услови:
„минимален годишен приход за последните три години 2022, 2023 и 2024 година, не помалку од 60.000.000 денари, да има по еден градежен инженер, сообраќаен инженер и геодетски техничар, сите со искуство од најмалку три години, да има минимум 40 општи работници, кои ќе бидат задолжени за извршување на предметот на набавка и кои треба да поседуваат Уверение за безбедност и здравје при работа, да располага со обучен технички персонал возачи – управувачи на возилата (трактор или мултифункционални возила, специјални возила за собирање и транспорт на комунален смет, транспортни средства – камиони)“, се дел од условите.
Фирмата мора да има мултифункционално возило за косење, пет специјални возила за собирање и транспорт на комунален смет, специјална автоматизирана машина за косење, кастрење гранки и грмушки на клучки и косини – робот, а сите возила да поседуваат систем за следење на возилата со помош на ГПС уред.
На јавниот оглас се јавиле три компании. ГРИН ТИМ ДОО увоз-извоз од Битола понудила најниска понуда и ги победи во тендерската постапка останатите две фирми, РЕМОНДИС МЕДИСОН дооел Скопје, која се занимава со собирање опасен медицински отпад и фирмата МИРСАТ КОМЕРЦ увоз-извоз од с. Челопеци, Кичево, која ги одржуваше автопатиштата во времето на Ејуп Рустеми и која беше цел на критики од ВМРО-ДПМНЕ и од медиумите.
КОЈА Е ГРИН ТИМ ОД БИТОЛА?
На официјалната страница на Грин тим пишува дека компанијата работи 34 години и е прва приватна комунална компанија во државава. Таа е регистрирана на 26 септември 1990 година под името Еко клуб, кој подоцна е ребрендиран во Грин тим.
Стои и дека таа почнала да работи како семејна компанија со идеја за подобрување на комуналните услуги во Македонија.
Според податоците од „Company Wall“, Друштвото со ограничена одговорност Грин тим ДОО Битола е регистрирано на адресата Петар Петровиќ-Његош бр. 139 во Битола и работи од 2016 година. Компанијата, регистрана како фирма за отстранување отпадни води, имала добивка од 5,6 милиони денари во 2024 година.
Актуелен директор на компанијата е Елизабета Јанакиевска, која истовремено е и мнозински сопственик. Нејзините синови Бојан и Марко Јанакиевски се, исто така, во сопственичката структура.
–Сопственици на Грин тим ДОО БИТОЛА се Елизабета Јанакиевска, Марко Јанакиевски и Бојан Јанакиевски. Компанијата се занимава со различни комунални дејности, како чистење канализација, одржување јавна чистота, изнајмување мобилни тоалети, уредување зелени и тревни површини и други комунални услуги, одговорија за „Фокус“ од Грин тим ДОО Битола.
Во сопственичката структура не е повеќе сопругот на Елизабета Јанакиевска, Сашо Јанакиевски, кој во времето на Никола Груевски беше назначен за почесен конзул на Унгарија во Битола, во 2012 година, наводно поради блискоста со ВМРО-ДПМНЕ и посебно со тогашниот премиер.
Поради обвинувања од тогашниот СДСМ, но и поради пишувањата во медиумите, тој во 2020 година се договори со Унгарците да ја повлечат неговата титула.
На прашањето дали меѓу сопствениците или управителите е и Сашо Јанакиевски, лице кое беше почесен конзул на Унгарија и поврзано со бизнис со медицински отпад, од компанијата кусо одговорија дека:
–Сашо Јанакиевски не е сопственик, ниту управител на компанијата Грин тим ДОО Битола.
Неговиот син Бојан Јанакиевски, кој во Грин тим е одговорен за финансии, од 2023 година ги продолжи бизнис-конекциите со Унгарија преку канцеларијата на ХЕПА, која се отвори во 2019 година, со цел да се промовира извозот на унгарските производи, сервиси и капитал во земјите од Западен Балкан. Јанакиевски е координатор за трговија од 2023 година наваму.
За „Фокус“ вели дека нема никаква поврзаност со партијата на власт, ниту со која било друга политичка партија.
–Немаме никаква поврзаност ниту со ВМРО-ДПМНЕ, ниту со која било друга политичка партија. Компанијата Грин тим ДОО Битола од 2020 година е претставник на ХЕПА, односно Агенција за промоција на извозот на Република Унгарија на териториите на Македонија и Косово и нашата обврска како претставник е зголемување на економската соработка на двете земји со Република Унгарија, што се гледа преку организирање бројни бизнис-соработки, вели Јанакиевски.
Во однос на тоа како Грин тим ДОО ја формирал цената од над два милиони евра за да го добие тендерот за косење и кастрење долж регионалните и магистралните патиша, од фирмата одговорија дека таа „комплетно ги исполнува условите од тендерската документација и врз основа на тоа доби договор за рамковна спогодба за предметот на јавната набавка со рок на важност на договорот од две години“.
Испратија и споредба на цените во 2026 година со цените на последно реализираниот договор во 2023 година за истите услуги.
Нивната споредба вели дека за косење трева за квадратен метар се наплаќало по 12 денари, а нивната понуда сега е 4,5 денари. Кастрењето гранки чинело 456 денари во 2023, сега 8,5 денари за квадратен метар. За сечење дрвја, Грин тим ќе наплаќа по 800 денари за парче наместо 2.520 денари, колку што се наплаќало за истото во 2023 година.
ОБВИНУВАЊА И ПАРТИСКИ ВРСКИ
„Во заеднички договор со унгарското Министерството за надворешни работи решивме да се повлечам од функцијата почесен конзул, за да се оттргне од моето име политичката поврзаност со одредена партија и луѓе, во овој период“, рече Сашо Јанакиевски за СДК.мк во 2020 година, обидувајќи се да ги оттргне контроверзиите околу неговата поврзаност со Никола Груевски.
Јанакиевски и неговата фирма „Еко клуб“ од Битола, градоначалникот Петре Шилегов ги обвини дека несоодветно третирале медицински отпад и таков се носел на „Дрисла“, за што поднесе кривична пријава во Јавното обвинителство. Тој, пак, изјави дека ништо од тоа што го кажа Шилегов не е точно, снимките не биле веродостојни и фирмата работела според сите прописи.
Во екот на обвинувањата, бизнисменот Сашо Јанакиевски, за порталот сдк.мк, информирал дека повеќе не е мнозински сопственик, односно сопственик на 60 проценти од фирмата е германската компанија „РЕМОНДИС Медисон ГМБХ“. Оваа фирма како сопственик на „Еко клуб“ се впишува на 19 декември 2019 година, односно една недела откако градскиот инспектор упадна во контрола во подружницата во Скопје, РЕМОНДИС Медисон Скопје.
Со промената во сопственичката структура, се прави промена и на овластеното лице. Дотогаш бил Сашо Јанакиевски, а од 19 декември е извесен Том Верикен.
Јанакиевски, на 31 декември 2024 година излегува целосно од фирмата за медицински отпад, РЕМОНДИС Медисон ДООЕЛ СКопје, а оваа фирма подоцна учествува на тендерот за одржување на магистралните и регионалните патишта на Македонија пат, кој го доби Грин тим, компанијата на неговата сопруга и синови.
Поранешниот унгарскиот конзул Сашо Јанакиевски, покрај во фирмата „Еко клуб“, се јавува и како сопственик во „Еко клуб плус“. Таму со него сопственици се и Бојан Јанакиевски и Елизабета Јанакиеска, која е и управителка на фирмата. Тој е и сопственик на Друштвото за погребални услуги КОНКОРДИЈА НОВА ДООЕЛ Битола.
КАКО РАБОТЕШЕ „МАКЕДОНИЈА ПАТ“
Последниот извештај на Државниот завод за ревизија за работењето на „Македонија пат“, објавен во 2024 година, покажа дека претпријатието 12 години работело со блокирана сметка и долгови од над 10 милиони евра, а брои над 730 вработени лица.
Од политички аспект, ова претпријатие секогаш било предмет на политички договори и ценкања за вработувања на партиски послушници и никој од политичките елити не внимавал дали ќе предизвика банкрот на компанијата.
Тешката финансиска состојба на поранешна „Македонија пат“ влијае врз квалитетот на одржувањето и заштитата на магистралните и регионалните патишта, што е и главната дејност на ова јавно претпријатие, покажа ревизорскиот извештај.
„Тоа претставува за приближно 196 милиони денари поголем износ на обврски во однос на евидентираните во сметководствената евиденција на ЈП (околу 467 милиони денари). На ревизијата не ѝ е дадено соодветно образложение и доказ за утврдената разлика, што има за ефект да не се потврди вистинитоста и објективноста на евидентираниот износ на обврски по извршни решенија во Билансот на состојба на 31 декември 2022 година“.
И покрај тешката финасиска состојба, компанијата ги зголемувала долговите, но во исто време, покачувала плати и набавувала нови возила, открива извештајот. Ревизорите утврдите и недомаќинско раководење со имотот на фирмата, несоодветно чување и точење гориво.
Од финансиските извештаи за 2024 година, кои се објавени на официјалната страница на претпријатието, може да се види дека за првпат бележи позитивни финансиски резултати посебно во собирањето приходи, иако најголемиот дел доаѓаат како законска донација од ЈПДП, кое, пак, наплаќа приходи од патарини.
„Од севкупната детална анализа на приходите за 2024 година во износ од 1.474.357.557 и покрај намалување споредбено со претходната 2023 година, се гледа дека се доволни за да ги покријат вкупните расходи (настанати за реализација на приходите) во износ од 1.370.444.124 денари. Тие го даваат позитивниот финансискиот резултат добивка пред оданочување од-103.913.433 денари. И покрај сите предизвици со кои се соочуваше Претпријатието во текот на годината, остварува позитивен финансиски резултат. Тоа покажува дека Претпријатието се движи во добра насока и сите заложби на раководството резултираат со евидентни подобрувања“, стои во најновиот финансиски извештај за 2024 година.
Текстот е објавен на 5 март 2026 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.587