Се очекува поскапување на дизел горивото: Или го нема или е ограничено точењето на бензинските станици

by irena 10:18
10:18

Ако застанете на 10 бензински станици на потегот од излезот на Скопје до Куманово или до Велес, на 8 од нив ќе ви кажат дека дизел гориво нема неколку дена, чекаат да стигне, се потрошило пред половина час, а на оние две кои ќе ви речат дека има, ќе може да ставите но со ограничување поатавено од компанијата.

Ова создава паника кај граѓаните кои користат дизел гориво и не можат да ги извршуваат редовните обврски, а ќе предизвика и застој кај превозниците на стоки и патници.

Празникот 8 март им се расипа на неколку туристички агенции од Србија, кои според изјавите на вработените на една бензинска станица на автопатот Куманово-Велес, не можеле да го продолжат патот за Атина затоа што немало доволно гориво и имале ограничувања.

Компанијата „Луколил Македонија“ веќе објави известување со кое се воведува привремено ограничување на продажбата на дизел гориво – Евро дизел БС и ЕКТО дизел – за камиони, трактори и автобуси, на максимум 50 литри по возило. Мерката не се однесува на возила кои точат гориво според склучени договори со компанијата.

Компанијата не соопшти дали мерката се применува во сите подружници, ниту дали очекува профитирање со задржување на горивото до утврдувањето на новите цени од Регулаторната комисија, кои ќе важат од вторник.

Запрашан за поплаките од граѓаните дека на одредени бензински пумпи изминативе денови не се точело или пак се точело дизел гориво во ограничена количина, премиерот Христијан Мицкоски рече дека Државниот пазарен инспекторат е на терен и дека врши проверки.

Тој додаде и дека во пограничните делови имало зголемена побарувачка од граѓани од соседството кои, како што рече тука точат горива кои се за 30 до 40 посто поевтини, иако на терен ситуацијата е обратна: на бензинските станици во Куманово, Струмица, Гевгелија, Битола, Струга и Скопје нема зголемен број на странски возила.

„Државниот пазарен инспекторат е на терен. Забележани се такви однесувања на некои пумпи во погранични општини затоа што има голем притисок од соседните држави, каде цената на енергенсите е за повеќе од 40 до 50 проценти повисока од кај нас. Во соседна Србија таа е меѓу 120 и 130 денари по литар, кај нас е 71 денар. Како резултат на таквиот притисок имаме огромно зголемено количество на трошење на нафта и нафтени деривати и можеби поради тоа на одредени бензински пумпи има недостиг на количини“, рече Мицкоски.

Според него, Владата била подготвена да интервенира ако поради светските случувања дојде до енормен раст на горивата.

Инаку, веќе неколку денови по ред граѓани се жалат дека на одредени безнински пумпи не се точи дизел гориво, сомневајќи се дека горивото намерно не се продава додека се чека одлуката на Регулаторна за нови цени на горивата.

Утрово, Владата на Србија донесе одлука за забрана на извоз на нафта и сите нафтени деривати за моторни погони со цел „да го заштити домашниот пазар од недостиг и скокови на цените како резултат на глобалните нарушувања на светскиот пазар“.

За првпат после 2022 година, цените на нафтата на светските пазари скокнаа близу 120 долари за барел, пред денес малку да паднат, бидејќи војната со Иран се интензивира, загрозувајќи го производството и испораката на Блискиот Исток и удирајќи ги финансиските пазари.

Цената за барел сурова нафта Брент, меѓународен стандард, скокна на 119,50 долари за барел, но подоцна се тргуваше по 112,98 долари.

Најновото зголемување на цените доаѓа во услови на ескалација на воените тензии на Блискиот Исток, особено растечките конфронтации меѓу САД, Израел и Иран, како и нападите на иранската војска насочени кон енергетските објекти и американските интереси во регионот.

Аналитичарите на енергетскиот пазар велат дека загриженоста за потенцијалните прекини во снабдувањето со нафта од Арапскиот Залив, еден од најкритичните енергетски коридори во светот, одигра клучна улога во зголемувањето на цените.

Пазарите се вознемирени и од можноста за нарушувања во Ормутскиот теснец, преку кој обично се испорачуваат околу 15 милиони барели сурова нафта, или околу 20% од светската нафта, секој ден, додавајќи дополнителен притисок врз цените.

Орце Костов

Слични вести