Од Општина Карпош изразуваат загриженост по зачестените случаи на вандализам и уништување на урбаната опрема и детските игралишта на територијата на општината.
Во изминатиот период евидентирани се бројни оштетувања на клупи, корпи за отпадоци, држачи за велосипеди, детски и спортски реквизити, па затоа апелираат до граѓаните и родителите за поголема одговорност и грижа за јавниот простор.
„Последниот случај на кршење на канделабра, на највандалски начин, од страна на малолетни деца, дополнително ја отвора потребата од поголема грижа, одговорност и превенција. Покрај нанесената материјална штета, станува збор и за сериозно загрозување на безбедноста на граѓаните во јавниот простор“, соопштија од Општина Карпош.
Информираат дека сите досега евидентирани случаи биле пријавени во Полициската станица Карпош, од каде што добиле уверување дека ќе има засилено полициско присуство на терен.