Веќе десет дена нема информации за местоположбата на 38-годишната Јаница Цековска, која на 3 октомври се оддалечила од мал групен дом во Градско. Нејзиното семејство бара помош од јавноста, а Министерството за внатрешни работи информира дека се преземаат мерки за нејзино пронаоѓање.
Семејството ја објавило фотографијата на Јаница на социјалните мрежи, со надеж дека некој од граѓаните ќе ја препознае и ќе достави информации што би можеле да помогнат во потрагата.
Според објавените податоци, Јаница е висока околу 165 сантиметри, тешка приближно 70 килограми и има кратка црна коса. Во моментот на исчезнувањето била облечена во црни тренерки, црн горен дел од тренерка со слика и црни пластични влечки.
Исчезнувањето предизвика загриженост и кај родителите на деца со попреченост. Зоран Мијалков од Штип, кој и самиот е родител на деца со попреченост, преку видеообраќање на социјалните мрежи упати апел до медиумите да посветат поголемо внимание на случајот.
Тој посочи дека ваквите ситуации не смеат да останат без поширока јавна реакција и нагласи дека загриженоста кај родителите е голема, бидејќи стравуваат дека нешто слично би можело да му се случи на секое семејство.
Информацијата за исчезнувањето на Јаница била објавена на 5 октомври, два дена откако се оддалечила од групниот дом. Според досега објавените информации, нема потврда за нејзината местоположба.
Од Министерството за внатрешни работи апелираат до граѓаните кои ја забележале Јаница или располагаат со какви било информации што би можеле да помогнат во нејзиното пронаоѓање, веднаш да се обратат во најблиската полициска станица.
Семејството се надева дека со поголемо споделување на информацијата и фотографијата ќе се зголемат шансите Јаница да биде пронајдена.