Пратеничката група на СДСМ и коалицијата нема да учествува во гласањето за интерпелацијата на јавниот обвинител, бидејќи, како што изјави пратеникот и потпретседател на Собранието, Јован Митрески, интерпелацијата не мора да има правни последици и одлуката за натамошните чекори е во рацете на самиот обвинител.
– Интерпелацијата во принцип значи барање политичка одговорност, но тука зборуваме за човек од третата власт, судската власт, која по Устав треба да биде независна – рече Митрески на денешната прес-конференција.
Тој појасни дека интерпелацијата не претставува одлука за разрешување, туку политички чин кој не е задолжително обврзувачки.
– Дали ќе има правни последици зависи од самиот обвинител, дали ќе поднесе оставка или не. Ако точката беше одлука за разрешување, ќе отворевме дебата дали сме задоволни или незадоволни од работата на обвинителот, согласно членот 63 став 3 од Законот за јавно обвинителство, каде јасно стои дека Советот на јавни обвинители мора да даде позитивно мислење за разрешување – потенцираше Митрески.