СДСМ го осуди инцидентот во Советот на општина Кочани и се огради од постапките на советникот Аки Акимов

by irena 19:51
19:51

Најостро го осудуваме насилството што се случи на седницата на Советот на Општина Кочани, соопштија од СДСМ откако денеска советникот од редовите на Партијата за демократските просперитет на Ромите – Аки Акимов, обидувајќи се физички да се пресмета со свој колега, со шише вода ја погоди в глава Ана Кралева, помошник-раководител на Секторот за правни, јавни дејности и општи работи во Општината.

Од таму посочија и дека се оградуваат од постапките на советникот што го предизвика денешниот инцидент.

Велат дека не станува збор за член на партијата, туку на коалициски партнер.

„Ги осудуваме и провидните сценарија на ВМРО-ДПМНЕ, кои со провокации и намерно поттикнување тензии се обидуваат да создадат конфликти и нестабилност во Кочани“, се вели во соопштението.

Според СДСМ, сериозноста на овој инцидент дополнително се отсликува со самото тоа што учесници се советник на ВМРО-ДПМНЕ и советник од ромската партија.

„Факт е дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ постојано провоцираат за време на седниците на Советот на Општина Кочани. Сценариото на неколку седници наназад вклучуваше навреди на етничка, верска и лична основа, погрдни зборови упатени не само кон поединци, туку и кон целата ромска заедница. Советникот Васе Алексов од ВМРО-ДПМНЕ беше најгласен во навредите и погрдните зборови и тоа го знаат сите советници“, велат од СДСМ.

Слични вести