201
Шпанија е подготвена да работи на создавање заедничка војска на Европската Унија уште утре, бидејќи тоа е единствениот начин европските земји да добијат на значење во одбраната, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез.
На форум во Барселона, Санчез истакна дека создавањето заеднички сили не е прашање на избор, туку неопходност поради војните во Украина и на Блискиот Исток.
Според него, ЕУ е составена од „просечни сили“ кои можат да бидат влијателни само доколку настапуваат заеднички.
-Подготвени сме да напредуваме кон заедничка европска војска веднаш, за да не дозволиме други да ја користат нашата ранливост – порача Санчез.
Шпанскиот премиер го изнесе овој став во време на кревко примирје меѓу САД и Иран и израелските напади врз Либан.