Сали ќе стане вицепремиер откако отпадна од трка за Чаир – дали ресорот здравство ќе биде трампан?

Премиерот Христијан Мицкоски ги предложи Беким Сали за вицепремиер и министер за евроинтеграции и Мухамед Хоџа за министер за екологија. На тој начин, се испочитува ветувањето кон Сали дека ќе биде вицепремиер откако не влезе во трка за градоначалник на Чаир, воедно се одржа балансот во ВЛЕН преку избор на Хоџа од партијата на Изет Меџити за министер и, на крајот, се испочитува договорот за поделба на ресорите при формирање на владина коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН. Иако имаше најави дека Башким Бакиу ќе стане нов министер за здравство на местото на Азир Алиу, сепак, такво нешто не се случи, меѓу другото, и од причина што овој ресор може да биде предмет на трампа меѓу владините партнери.

by vlatko 15:34
15:34

Иако одредени информации објавени во дел од медиумите говореа дека ќе има повеќе кадровски промени и ротации на функционери на ВЛЕН во извршната власт, сепак, премиерот Христијан Мицкоски до Собранието поднесе само 2 предлози за нови членови на Владата, кои всушност треба да ги пополнат местата што се испразнија откако поранешниот прв вицепремиер и министер за екологија Изет Меџити беше избран за градоначалник на Чаир.

Имено, Мицкоски соопшти дека негов предлог за вицепремиер и воедно министер за европски прашања е актуелниот пратеник и поранешен министер за здравство Беким Сали, кој доаѓа од Алтернатива на Зеќирија Ибраими, додека предлог за нов министер за животна средина е поранешниот владин портпарол Мухамед Хоџа од Демократското движење на Меџити. Тоа значи дека функцијата ќе ја напушти министерот за евроинтеграции Орхан Муртезани.

Во меѓувреме, претседателот на Собранието, Африм Гаши, информираше дека седницата за разрешување на министерот Муртезани и изборот на новите членови на Владата – Сали и Хоџа, најверојатно ќе се одржи по завршувањето на дебатата за Буџетот за 2026 година, односно меѓу 15 и 18 декември.

Инаку, првичниот план на ВЛЕН беше Сали да биде само вицепремиер, а Хоџа или Недим Рама министер за екологија, меѓутоа ВМРО-ДПМНЕ ја отфрли таквата варијанта, бидејќи, според нив, тоа би значело член плус од ВЛЕН од Владата и автоматски прекршување или пробивање на рамката од договорот за формирање на владината коалиција во делот на поделба на ресорите.

Па, таквиот став на ВМРО-ДПМНЕ создаде проблем во рамки на коалицијата ВЛЕН, бидејќи, според информации на „Фокус“, уште пред локалните избори на Сали му било ветено дека ќе стане прв вицепремиер, бидејќи отпаднал од игра да биде кандидат за градоначалник на Чаир.

За потсетување, Сали на локалните избори пред 4 години беше кандидат за градоначалник на Чаир од редовите на тогашната коалиција на Алијанса за Албанците и Алтернатива, меѓутоа загуби од довчерашниот градоначалник Висар Ганиу, кој тогаш беше дел од ДУИ, но подоцна се пресели во ДД и во ВЛЕН.

Како што велат нашите извори, Сали имал амбиција повторно да влезе во трка за градоначалник на Чаир, но во рамки на ВЛЕН било оценето дека Меџити најсериозно може да му се спротивстави на Бујар Османи од ДУИ, па како своевидна компензација на Сали му било ветено дека по изборите ќе го наследи Меџити на вицепремиерската функција во Владата.

Арно ама, ветувањето не се однесувало и на министерството за екологија, бидејќи ако Сали автоматски станеше и вицепремиер и министер за екологија ќе се нарушеше балансот во ВЛЕН, од причина што во таква ситуација Алтернатива ќе имаше вицепремиер и двајца министри во Владата (Сали и Муртезани, плус од Алтернатива доаѓа и спикерот Гаши), додека ДД ќе останеше без ниту еден ресор.

Имајќи го во предвид ветувањето дадено на Сали дека ќе биде вицепремиер, од една страна, но и ставот на Мицкоски дека секој вицепремиер мора да има ресор и задолжение, произлезе решение Сали да биде предложен за вицепремиер и воедно министер за евроинтеграции на местото на неговиот сопартиец Муртезани.

Притоа, премиерот го предложи Хоџа за министер за екологија, со што патем се запазува и веќе утврдената распределба на ресорите меѓу партнерите во ВЛЕН, со оглед дека ДД на Меџити го задржува ресорот екологија, а Алтернатива го задржува ресорот евроинтеграции.

Што се однесува до останатите два субјекти од ВЛЕН, тие имаат по два ресори, поради тоа што при формирањето на Владата не добија прв вицепремиер како ДД (Меџити) или собраниски спикер како Алтернатива (Гаши). Поточно, кадри на БЕСА се министрите за економија (Бесар Дуршими) и за социјална политика (Фатмир Лимани), а на Алијанса се вицепремиерот за добро владеење (Арбен Фетаи) и министерот за здравство (Азир Алиу).

Засега, нема да се остварат останатите најави кои одеа во насока дека досегашниот министер за евроинтеграции Муртезани ќе стане македонски амбасадор во Брисел, како и дека ќе има промена во ресорот здравство, така што актуелниот министер Алиу ќе стане прв човек на Агенцијата за електронски комуникации, а нов министер ќе биде кандидатот на ВЛЕН за градоначалник на Скопје Башким Бакиу.

Во еден јавен настап деновиве, Мицкоски рече дека една од причините поради која не предложил нов министер за здравство е тоа што не е здраво да има пречести промени во сензитивен ресор како здравството. Воедно, оцени дека Алиу досега пристојно ја извршува работата, иако посочи дека секогаш има простор за напредок.

–После конгресот, после сите преструктурирања во рамките на партијата очекувам да имаме и освежување во рамките на Владата, прегрупирања, догрупирања, доекипирања, проширувања и во рамките на државните институции, така што ова е тој грантограм кој во следниот период како претседател на Влада и доколку ја добијам довербата на делегатите, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, не очекува – рече тој на „360 Спетени“.

Неофицијално, уште една од причините поради која тој сега не се согласил на промена во министерството за здравство е поради тоа што размислува ВМРО-ДПМНЕ да го презеде овој ресор. Ако водечката владејачка партија оцени дека дефинитивно треба директно да презеде одговорност во здравството, тогаш ќе мора да трампа ресори со ВЛЕН кои би имале релативно иста тежина.

Упатените посочуваат дека тоа доведува до можност владејачките партнери да ги разменат ресорите здравство и образование, при што актуелната министерка за образование Весна Јаневска би можела да ротира од образование во здравство, или, пак, нов министер да стане некој од докторите кои се дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, додека на чело на ресорот образование да дојде Бакиу или друг кадар на крилото на АА што е дел од ВЛЕН.

„Фокус“ веќе објави дека министрите за правда и култура, Игор Филков и Зоран Љутков, се на излезна врата од Илинденска, бидејќи премиерот е незадоволен од нивната работа и резултати. Високи владини извори велат дека Мицкоски смета оти тие имаат најслаб ангажман и резултати во споредба со сите други министри, поради што ќе бидат променети во рамки на владината реконструкција што треба да се случи следната 2026 година.

ВЛАДИНА РЕКОНСТРУКЦИЈА: Промени во правда и култура – Мицкоски е незадоволен од Филков и Љутков!

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести